Русија побара итна седница на Советот за безбедност на ОН
Рускиот претставник во меѓународните организации во Виена, Михаил Улјанов, вчера изјави дека Русија побарала итна седница на Советот за безбедност на ОН.
Таму би се разговарало за ситуацијата во нуклеарната централа Запорожје.
Седницата ќе се одржи денеска во Њујорк, јави Би-Би-Си.
Улјанов ја обвини Украина дека создава вештачки пречки и тешкотии за потенцијалната мисија на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во нуклеарната централа Запорожје.
Во март 2022 година, руските сили го зазедоа Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа со шест реактори кои работат, а централата сега работи со капацитет од 70 проценти.
Москва и Киев меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на нуклеарната централа Запорожје, а портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова во понеделникот изјави дека Киев ја држи цела Европа во заложништво со гранатирање на централата.
Руската воено-цивилна управа на „Енергодар“ соопшти дека на 7 август Киев истрелал ракета „Ураган“ од 220 милиметри со касетна боева глава, чии делови ги оштетиле административните згради и околната територија на магацинот, а пред тоа украинската армија го бомбардирала Запорожје на 5 и 6 август.
Русија очекува генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш да преземе чекори за да овозможи посета на претставници на МААЕ на нуклеарната централа Запорожје, најави вчера претставникот на руското Министерство за неширење и контрола на оружјето, Игор Вишневски.
Амбасадорот на Украина во МААЕ, Евгениј Цимбаљук, во понеделникот изјави дека руските сили сакале да предизвикаат затемнување во јужниот дел на Украина со гранатирање на нејзиниот нуклеарен комплекс во Запорожје. Тој ја покани МААЕ да го посети објектот во Запорожје овој месец.