Магазин

Прободен со нож во вратот, стомакот и окото, во каква состојба е писателот Ружди

Британскиот автор Салман Ружди останува во болница во тешка состојба, еден ден откако беше избоден повеќе пати додека беше на литературен собир во Њујорк, а неговиот напаѓач рече дека не се чувствува виновен, но како што јави Би-би-си, Ружди бил исклучен од респиратор и може да зборува.

Обвинетиот напаѓач, 24-годишниот Хади Матар од Фервју, Њу Џерси, се изјасни за невин пред судот во саботата, објави неговиот официјален адвокат. Матар се товари за убиство во обид и нанесување тешка телесна повреда.

Ружди (75) се подготвувал да одржи предавање во Чаутаука, во западниот дел на Њујорк, кога Матар го нападнал со нож и неколку пати го избодел.

Според окружниот обвинител Џејсон Шмит, Ружди бил избоден три пати во вратот и четири пати во стомакот. И окото му беше прободено.

Писателот беше опериран во петокот вечерта, по што беше ставен на респиратор.

Писателите и политичарите ширум светот го осудија нападот. Во саботата, американскиот претседател Џо Бајден им се придружи, пофалувајќи ја посветеноста на Ружди за „универзалните идеали“.

Полицијата сè уште не го утврдила мотивот за нападот, но NBC објави дека прелиминарниот полициски преглед на профилите на социјалните мрежи на Матар покажал дека тој имал наклонетост кон шиитскиот екстремизам и иранската Револуционерна гарда.

Матар е роден во Калифорнија, но неодамна се преселил во Њу Џерси. Тој бил фатен на местото на нападот, а очевидци велат дека не кажал ништо. Неговото следно судско рочиште ќе биде во петок.

На почеток