Падна Владата на Абазовиќ во Црна Гора
По дванаесет часа дискусија, на 20 август еден час по полноќ Собранието на Црна Гора ѝ изгласа недоверба на Владата на Дритан Абазовиќ.
Од вкупно 81 пратеник, 50 пратеници гласаа за соборување на Владата, меѓу кои пратениците на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ, Демократската партија на Црна Гора на Алекса Бечиќ, Социјалдемократската партија, Социјалдемократите, Бошњачката партија, Демократскиот сојуз на Албанците и десницата на Црна Гора.
Против беше претседателката на Собранието Даниела Ѓуровиќ од Социјалистичката народна партија.
Другите пратеници од просрпскиот Демократски фронт, Социјалистичката народна партија, Демос и Граѓанското движење УРА на Абазовиќ не присуствуваа на гласањето.
„Изјавувам дека Владата на Црна Гора ја загуби довербата“, рече по гласањето претседателката на Собранието, Данијела Ѓуровиќ.