Актуелно

„Од почетокот на август секоја недела во Грција со авион пристигнуваат речиси милион туристи“, вели министерот Кикилијас

Во добри години туризмот придонесува дури дваесет проценти во грчката економија. И оваа година може да биде рекордна иако нема руски туристи. Хотелиерите и службениците ги тријат рацете по пандемијата, пишува ДВ.

Во Грција се надеваат дека туристичката сезона ќе продолжи како што започна. Земјата сè уште е во голема мера зависна од туристичката индустрија – во успешните години оваа индустрија носи повеќе од 20 проценти од бруто националниот производ. И се чини дека 2022 година ќе биде многу успешна.

Министерот за туризам Василис Кикилијас очекува уште повеќе гости отколку во 2019 година, што беше рекорд. Тогаш во Грција на одмор дојдоа вкупно 33 милиони луѓе. Приходите од странски гости изнесуваа 18,2 милијарди евра. Грчката централна банка очекува дека оваа година ќе изнесува 20 милијарди.

Еден милион нови гости неделно

Досегашните бројки се ветувачки: од почетокот на август секоја недела во Грција со авион пристигнуваат речиси милион туристи, вели министерот Кикилијас. Стотици илјади други гости со автомобил пристигнуваат на Халкидики и на други места на северот од земјата, од кои повеќето од балканските земји.

Во јули годинава ситуацијата беше слична – со 3,5 милиони странски гости.

„Ако продолжи вака до средината на септември, ќе ја преживееме претстојната зима“, вели Панајотис, менаџер на голем бар на Наксос. Тој остров имаше речиси ист број посетители во јули 2022 година како и во рекордната 2019 година, а август изгледа подобро од тогаш.

Во моментов, таму е речиси невозможно да се најде сместување, исто како на Миконос, Санторини, Крф, Кос или Родос.

На почеток