Магазин

Windows 95 го прослави својот 27-ми роденден

Windows 95 се смета за оперативен систем кој беше пионер на искуството на Windows, а денес одбележува повеќе од четвртина век постоење (27 години).

Иако Windows 95 не е првата верзија на Windows, тој на многу начини беше првата верзија на оперативниот систем Windows, погодна за корисниците. Имаше иновативна механика за навигација, од кои некои се актуелни и денес.

Windows 95 беше објавен на 24 август 1995 година и имплементираше или значително подобри неколку елементи кои станаа заштитни знаци на оперативниот систем Windows. Ова ги вклучува менито Start, Windows Explorer и лентата со задачи.

Иако Windows значително еволуираше по објавувањето на оваа верзија, Windows 95 изгледа многу слично на современите оперативни системи, барем во неговото јадро.

Со Windows 95 дојде и корпата за отпадоци, како и копчињата за затворање, минимизирање и максимизирање на прозорците. Ова е воедно и првиот оперативен систем кој користел Internet Explorer, иако од самиот почеток не доаѓал со споменатиот прелистувач.

Оперативниот систем го олесни управувањето со датотеките, а исто така овозможи и користење на долги имиња на датотеки. Претходните верзии на Windows ги ограничуваа имињата на датотеките на осум или помалку знаци.

Сепак, многумина истакнуваат дека веројатно најголемата промена што дојде со Windows 95 е релативно поедноставениот кориснички интерфејс. Не мораше да знаеш DOS за да ја користиш програмата. Едноставниот интерфејс „point and click“ на Windows 95 во голема мера го отвори светот на компјутерите за обичните корисници.

На почеток