Актуелно

(ФОТО) Зграда во Центар 16 часа без струја, станарите пријавиле во ЕВН, а оттаму ја префрлаат вината

Зграда во Дебар Маало веќе 16 часа нема струја. Станарите велат дека пријавиле во ЕВН, но оттаму велат дека за тоа е одговорна општината.

„Среде Центар во Дебар Маало цела зграда нема еве веќе 16 часа струја. Станарите пријавиле во ЕВН, од ЕВН ги праќаат во Општина Центар, Општина Центар се прават наудрени! Дрво има паднато на самиот кабел за струја кој го има прекинато дотокот на струја за зградата. Дрвото е веднаш до градинката на среде улица, повторно Општината не реагира!
Горан Герасимовски градоначалниче, вака ли се грижи општината за Центарци?
Кога ќе се активираат службите за ова што се случува во срцето на нашата општина?
Доколку не сте виделе на терен, повелетe слики во прилог да ја видите состојбата“, стои во објавата.

„Службите на Општина Центар изминатото деноноќие се на терен, ги расчистуваат паднатите дрвја и гранки и на одредени локации ги санираат штетите настанати од вчерашното невреме кое го зафати Скопје. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, веднаш по невремето излезе на терен и заедно со службите, вршеше увид и помагаше при расчистувањето велат од Општина Центар

„Утринава имавме состанок на општинскиот Штаб за заштита и спасување. Во контакт и координација сме и со останатите надлежни институции и ги преземаме сите мерки за расчистување на паднатите дрвја, гранки и покриви. Во текот на денот ќе се врши и проценка на штетите од поплавите кои зафатија дел од општинските градинки и училишта и работиме на нормализирање на состојбата“, изјави градоначалникот Герасимовски, по завршувањето на состанокот на штабот.

До општината вчера пристигнаа многу пријави за оштетени возила, живеалишта, деловни простори, проблеми со шахтите и сливниците и сите тие се проследени до надлежните сектори или институции за натамошно постапување.

На почеток