Свет

Тајфунот Хинамнор се приближи до Јужна Кореја

Тајфунот Хинамнор денеска се приближи до Јужна Кореја, поради што во таа азиска земја беа откажани бројни летови, затворени се училиштата, како и некои компании, додека Сеул го подигна нивото на тревога до максимум.

Силен дожд и силен ветер го зафатија јужниот дел на земјата, а тајфунот се пресели на север со брзина од 24 километри на час.

Се очекува Хинамнор да пристигне во југозападниот град Бусан во раните утрински часови во вторник, откако прво ќе го помине островот Џеџу, објави Ројтерс.

Претседателот Јун Сук-Јол денеска изјави дека ќе биде во состојба на готовност откако ќе им нареди на властите да ја минимизираат штетата од тајфунот, кој беше класифициран како „многу силен“.

„До вторник се очекуваат силни ветрови и обилни врнежи низ земјата, а големи бранови ќе има и во крајбрежниот дел од земјата. Се очекуваат бури и цунами“, соопшти јужнокорејската метеоролошка служба (КМА).

Според прогнозата на КМА, Хинамнор се упатил североисточно кон јапонскиот град Сапоро, на островот Хокаидо.

Поради наближувањето на тајфунот, јапонскиот производител на автомобили „Тојота“ ќе ги откаже ноќните смени во три фабрики во западна Јапонија.

Прекинати се вечерашните смени од 21 часот по локално време, како и утрешните утрински смени во три фабрики во западната префектура Фукуока,пренесе Танјуг.

На почеток