Кралицата го откажа состанокот за да се одмори


Британската кралица Елизабета Втора денеска го откажала состанокот откако лекарите и препорачале да се одмори, соопшти Бакингемската палата.
Кралицата вчера во замокот Балморал во Шкотска го прими премиерот во заминување Борис Џонсон кој и ја предаде оставката и официјално ја назначи новата шефица на Конзервативната партија Лиз Трус за нов премиер.
„Нејзиното Височество го послуша советот на нејзините лекари да се одмори“, рече портпаролот на Палатата.
Средбата која требаше да се одржи вечерта, виртуелно ќе биде организирана подоцна, изјави изворот.
Сликите вчера ја покажаа 96-годишната кралица како се смешка и се потпира на бастун додека се ракува со новиот премиер, кој стана 15-ти шеф на владата во 70-годишното владеење на кралицата.
Кралицата има проблеми со мобилноста и за прв пат во своето владеење доби нов премиер во замокот Балморал наместо во Бакингемската палата во Лондон.
Состанокот што е одложен денеска е Приватниот совет, кралско советодавно тело на кое може да присуствуваат стотици луѓе, вклучително и политички и верски водачи.
За време на тој Совет, Лиз Трас, како и новите министри, требаше да положат заклетва и да бидат именувани за тајни советници доколку не беа претходно назначени.
Откако пред речиси една година ноќта ја мина во болница на неодредени прегледи, кралицата, чие здравје е нарушено, се помалку се појавува во јавноста.
Таа делегира зголемен број функции на нејзиниот син Чарлс, кој во мај за првпат го одржа говорот на кралицата во парламентот, една од важните уставни функции на суверенот.
На почетокот на јуни, во текот на четири дена, Британците ги прославија 70-те години од владеењето на кралицата Елизабета Втора, најстариот монарх на функција во светот.
Таа речиси целосно отсуствуваше на тој платинест јубилеј, појавувајќи се двапати накратко на балконот на Бакингемската палата пред десетици илјади луѓе.
