Сеул предложи дијалог за повторно обединување на семејствата разделени во Корејската војна
Сеул денеска му предложи на Пјонгјанг да започне дијалог за повторно обединување на семејствата разделени во Корејската војна од 1950 до 1953 година.
Тоа е прва директна иницијатива откако јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол ја презеде функцијата во мај, пренесува Ројтерс.
Министерот за обединување Квон Јанг-се, задолжен за меѓукорејски прашања, одржа прес-конференција на која отворено ја кажа понудата, велејќи дека Сеул е подготвен да ги разгледа предлозите на Пјонгјанг кога ќе одлучи за датумот, местото, агендата и форматот на разговорите, објави британската агенција.
„Се надеваме дека релевантните претставници на двете страни ќе се сретнат лично што е можно поскоро за искрена дискусија за хуманитарни прашања, вклучувајќи го и прашањето за разделените семејства“, рече Квон.
Корејскиот полуостров беше поделен по војната која траеше од 1950 до 1953 година и многу семејства останаа разделени. Двете Кореи претходно организираа такви привремени спојувања.