Скопје

ВМРО-ДПМНЕ се оградува од Арсовска: Не сме задоволни од неа, наместо да се пресметува нека решава проблеми!

Скопската градоначалничка Данела Арсовска, повеќе нема поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, освен за поединечни проекти за кои веќе има усогласеност и се промовирани во време на изборите. Портпаролката на партијата, Марија Митева, испрати и јавна порака до Арсовска. Според неа, партијата е незадоволна од резултатите на Арсовска, иако, кога ја поддржале за време на изборите, верувале во неа.

„Како партија која го поддржа концептот за модерно Скопје и застана зад кандидатурата на Арсовска, искрено верувајќи во овој концепт, можам да кажам дека не сме задоволни од сега сработеното од градоначалничката. Сметаме дека е малку реализирано, а може и треба да се испорачаат повеќе резултати кои ги заслужуваат скопјани. Поддршката која ја дадовме за неа е темелена на принципи, и секако таа ќе ја повлечеме тогаш кога ќе видиме дека тие принципи не се почитуваат“, кажа Митева.

Портпаролката одговори и дали мнозинството советници во Град Скопје ќе и ги гласаат проектите и одлуките на Арсовска.

„Имено ова се однесува дека во иднина само оние проекти и онаа политика која е во функција на модерно Скопје и која ја поддржуваме ќе биде одобрена и изгласана во Советот. Но исто така, ќе го задржиме правото да бидеме жестоки критичари на нејзините политики кои излегуваат надвор од тој концепт“, посочи таа.

На крајот, Митева упати и порака до скопската градоначалничка: „Би и порачале на градоначалничката дека наместо неосновани пресметки и упади на прес-конференции, треба да се започне со проекти и со решавање на потребите на скопјани“.

На почеток