Свет

„Многу земји ќе исчезнат од финансискиот радар“, вели Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ и се обрати на јавноста од Њујорк, каде што учествува на 77. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.

Претседателот на Србија денеска, на крајот од повеќедневната посета на Њујорк, каде што зборуваше на Генералното собрание на ОН, посочи дека следната зима ќе биде тешка и затоа е важно да се создаде поголем финансиски тампон, за што разговараше со шефицата на ММФ, Кристалина Георгиева.

„Поминав долго време разговарајќи со Георгиева за создавање стенд-бај аранжман. Важно е да создадеме поголем финансиски тампон за да се обезбедиме за зимата. Би го цитирал она што ми го кажа, а тоа е дека оваа зима ќе биде многу тешка, а следната ќе биде уште потешка“, рече тој.

Вучиќ истакна дека владите заштедиле пари за оваа зима, а за следната ќе биде тешко да се издвојат средства, па многу земји ќе исчезнат од радарот на финансиската стабилност.

„Тоа мора да го избегнеме, да создадеме поголема тампон зона, да работиме на растот и развојот на Србија. Ја прашав како да работиме на тоа и таа ми рече, работете на финансиските бафери“, посочи тој.

Вучиќ рече дека денеска имал многу средби со претставници на африканските земји, словенечките пријатели, како и со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

„Разговаравме за билатерални прашања. Му се заблагодарив за поддршката за нашиот територијален интегритет“, подвлече тој.

На почеток