Анкета: Поддршката за инвазијата на Путин кај Русите првпат паѓа под 50 отсто
Во Русија е спроведено истражување за одлуките на претседателот Владимир Путин од 29 септември до 1 октомври и во неа учествувале 1.610 испитаници, додека статистичката грешка е околу 2,5 отсто.
Повеќе од 60 отсто од испитаниците ја поддржуваат мобилизацијата
Се покажа дека 64 отсто од испитаниците ја поддржуваат одлуката за делумна мобилизација. Мобилизацијата ја поддржале 56 отсто од испитаниците на возраст од 18 до 26 години, додека поддршката кај оние над 44 години е поголема од 70 отсто.
Меѓу аргументите за мобилизација, испитаниците најчесто ја наведуваат потребата од одбрана на татковината (56 отсто), потребата на армијата од поголем број мажи (22 отсто), потребата од побрзо завршување на специјалната воена операција (22 проценти) и доверба во одлуките на шефот на државата (10 проценти). Како контрааргумент, најчеста била тезата дека професионалните војници треба да се борат (67 отсто), пишува Комерсант.
Само 11 отсто од испитаниците сметаат дека не се предмет на мобилизација
Утврдено е дека повеќе од 60 отсто од анкетираните мажи биле уверени дека ќе се појават во воената канцеларија откако ќе го добијат повикот за мобилизација. Само 11 отсто од нив сметаат дека не се подложни на мобилизација, а уште помал број, четири отсто од нив, имаат намера да го игнорираат повикот или да ја напуштат државата.
15 отсто од нив тврдат дека во нивното опкружување има луѓе кои веќе ја напуштиле државата или имаат намера да го сторат тоа, што е за пет отсто повеќе од март годинава. Повеќето од оние кои заминуваат или планираат да заминат се на возраст под 34 години.
Се помалку Руси ја поддржуваат инвазијата
Во споредба со јули, бројот на оние кои се залагаат за продолжување на таканаречената „специјална воена операција“ е намален за шест отсто и сега изнесува 46 отсто, што е првпат да падне под 50 отсто.
Пристапувањето на Доњецката Народна Република, Луганската Народна Република, Запорожје и Херсонската област во Русија го поддржуваат 77 отсто од испитаниците, а само 16 отсто од испитаниците се против ваквата одлука.