(ВИДЕО) Снимка од руски нуклеарен воз го шокираше светот
Снимка од руски воен воз кој превезува нуклеарна опрема кон украинското боиште дополнително ги поттикна стравувањата дека руските сили би можеле да употребат нуклеарно оружје. Снимката е објавена на телеграм каналот Рибар, а снимена е над централна Русија. На неа се гледа како воз, кој се поврзува со 12-тата главна управа на руското министерство за одбрана, превезува транспортери и други оклопни возила.
#UPDATE: A freight train has been spotted moving specialist military equipment associated with a NUCLEAR division of Russia's Defence Ministry pic.twitter.com/zhCsG2GPVV
— Insider News (@InsiderNewsKe) October 3, 2022
Воениот аналитичар Конрад Музика кажа дека 12-тата главна управа е одговорна за руското нуклеарно оружје, неговото складирање, одржување и издавање на единиците.
Музика смета дека оклопните возила ќе се користат исклучиво како заштита на нуклеарните единици и дека објавувањето на снимката е веројатно еден вид предупредување до Западот. Снимката се појави во исто време со извештајот дека Русија може да го тестира своето „оружје на апокалипсата“, односно нуклеарниот подводен дрон „Посејдон“.
Оружјето се наоѓа на подморницата К-329 Белгород која плови кон Арктикот каде, според западните експерти, Русија планира да го тестира.
Музика кажа дека превозот на воена опрема која им припаѓа на единиците со нуклеарно оружје не значи нужно дека Русија се подготвува да распореди нуклеарки во Украина.
„Можеби тоа е сигнал до Западот дека ситуацијата во Украина ескалира. Но, можеби станува збор за превоз на опрема на руските стратегиски сили кои на есен одржуваат вежби и обука. Исто така, би можело да станува збор за вежба на нуклеарно одвраќање“, кажа Музика.
Руските стратегиски сили се гранка на оружените сили која е основа на националната програма за нуклеарна одбрана. Се состои од повеќе баталјони кои контролираат илјадници нуклеарни оружја и интерконтинентални балистички проектили.