Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, денеска на прес-конференција најави дека на 23 септевмри, недела, во сите месни заедници, од 17 до 20 часот, ќе се спроведат избори на членови на советите на урбаните и месните заедници на подрачјето на Гази Баба.
„Со тајно гласање ќе бидат избрани оние што ќе треба да бидат поврзувачи меѓу граѓаните и општината, нишка што ја изгуби својата вредност во овие години и наместо потребите на жителите, пред сè, беа ставани партиските потреби, но и манипулации. Затоа, сметам дека редно време е и месните и урбаните заедници да почнат да работат со целиот свој капацитет. Месните заедници повторно ги ставаме во функција за граѓаните да може своите предлози, иницијативи, барања и критики да ги достават до мене, со што општината ќе ја направиме транспарентен сервис на граѓаните“, истакна Георгиевски.
Тој изрази очекување од новоизбраните членови целосно да се вложат во својата работа за, како што рече, и тие да придонесат во развојот на општината и за доброто на сите што живеат и создаваат во неа.