Граѓанска иницијатива „Го сакам Водно“ реагира на изјавите на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, според кој активистите против изградбата на гасовод низ Водно ги игнорирале фактите и биле каприциозни. Тие му порачуваат: „Каприциозни сме затоа што не дозволуваме да се уништува заштитено подрачје кога има алтернативи? Каприциозни сме затоа што ја работиме Вашата работа, затоа што со активни членови од важечки закони ве демантираме Вас и заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, кога велите дека Водно не е заштитено и со тоа да си ѝ олесните на Вашата совест што ќе дозволите да се уништува парк-шумата Водно и да Ви го загрозат градот? Каприциозни затоа што не дозволуваме опасност за жителите во подножјето на Водно од лизгање на земјиштето? Каприциозни зашто редица процедури, закони, конвенции се прекршени во целата постапка на изградба на овој гасовод и тоа Ви го укажуваме?“
Активистите во обраќањето до Шилегов посочуваат дека во изминатите неколку месеци на темата – гасовод низ Водно, стотици аргументи и факти му биле ставени на располагање и на него и на претставниците на другите инволвирани институции.
„За да бидеме попрецизни, уште пред неколку месеци, ние како активисти Ви ги дадовме клучните податоци за трасата, нејзината должина и штетата по природата и планината. До тогаш вицепремиерот Анѓушев беше уверен дека се работи за само 600 метри по што се договоривме заедно да се качиме на Водно и го провериме тој податок на самото место. Измената на трасата во потег од 4,3 км се должи токму на тие факти презентирани од наша страна. Факт е дека до ден-денешен не е презентирана компаративната анализа врз која се донела одлука трасата да помине низ Водно. Факт е дека договорот за заемот од 90 милиони евра со Дојче и Ерсте банка за изградба и на овој гасовод не е даден на увид. Факт е дека има низа нерегуларности во целата постапка, некои од нив ги наведовме и доставивме и до Вас и до надлежните инспекторати. Факт е дека Вие во декември и март баравте:
– преиспитување на трасата на гасоводот,
– изготвување нова оцена на влијание врз животната средина,
– повторување на постапката за добивање на потребната документација за изградба на предметната делница на гасоводот,
– наведувате дека од 53 документи врз основа на кои е издадено одобрението за градење нема документ со кој е одобрена градба во заштитено подрачје
– потенцирате дека не било земено предвид оти трасата на гасоводот минува низ заштитениот локалитет Парк-шума Водно.
Интересно, како тогаш парк-шумата Водно била заштитено подрачје, а сега не е. Или тогаш или сега не ја кажувате вистината. Во кој било случај тоа зборува за Вас и Вашиот интегритет и како фактите се менлива категорија по потреба.
Господине Шилегов, додека Вие нè убедувавте дека ќе ја глумите кокошката што ќе се сопне по сопствено уверување во најдобриот час за да не се продаде лесно, не најдовте потребно да дојдете на терен со нас, да ги видите фактите оставајќи ги претставниците на другите институции со врелиот костен на погрешни информации, да се печат пред новинарите, цело време, Вие и Вашите советници, на многуте состаноци што ги имавме минативе месеци ни потврдувавте дека сме 95 отсто во право за сега во првиот момент кога се најдовте под притисок на политиката, во јавност да нè навредувате?
Конечно, велите сме биле малкумина. Побарајте од Вашите многубројни нови и стари советници во градот да ви направат реална процена на жителите на Скопје кои се против изградбата на гасовод низ Водно. Побарајте, ако можат, да Ви направат анализа за граѓанското незадоволство од уште еден обид да се уништи парк-шумата. Нека Ви ги кажат реакциите на граѓаните на социјалните мрежи, ама нека ги исчистат Вашите партиски ангажирани коментирачи за да можете конечно да добиете чувство за јавноста. Ако ништо друго, нека Ви ги прочитаат здруженијата и иницијативите што стојат зад потписот на „Го сакам Водно“, комплетно обединети зад овој став.
Да, знаеме дека ќе најдете контрапротестанти, неколкупати ни беше дадено на знаење, да не кажеме закането со нивно активирање, а еве на последната дебата кај што бевте домаќин, некои од нив беа донесени, веројатно убедени дека играњето на националистичката карта ќе нè поколеба и исплаши.
Градоначалниче Шилегов, навредите кон граѓанските активисти никогаш не се добра стратегија за пиар. Во политички контекст многу бргу ќе сфатите дека претворајќи ги граѓаните кои волонтерски работат за општествен бенефит, притоа во добар дел работејќи ја и Вашата работа (грижа за загадувањето, за животната средина, за чистотата, за животните…), во непријатели, најочигледно ќе се рефлектира врз Вашиот углед. Притоа ниту првата година од вашиот четиригодишен мандат не е измината. Што Ве чека допрва ако сега сме каприциозни и малкумина?“, се вели во пораката на граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ до скопскиот градоначалник.