Трамп ќе биде повикан да сведочи за нападот на Капитол
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ќе биде повикан да сведочи за нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.
Таа одлука ја донесе комисијата на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, која го истражува нападот на американскиот Капитол.
Одлуката ја поддржаа седум членови од редовите на демократите и двајца републиканци, објави Гласот на Америка.
Со вкупно девет гласа беше донесена одлука Трамп да поднесе документи и да сведочи под заклетва во врска со нападот на Конгресот.
„Трамп е единствената личност во центарот на приказната за тоа што се случи на 6 јануари. Затоа сакаме да се слушнеме од него“, изјави претседателот на комисијата, демократот Берни Томпсон.
Според федералниот закон, неодговарањето на покана на Конгресот за сведочење или обезбедување документација е прекршок што се казнува со затвор од еден до 12 месеци.
Во тој случај, потребно е Претставничкиот дом да гласа дали да го проследи до Секретаријатот за правда, кој е овластен да одлучи дали ќе поднесе обвинение. Трамп, засега, не реагира на одлуката на комисијата на Претставничкиот дом на Конгресот.
За време на седницата на Комисијата која ги истражува немирите во Капитол, објавена е информација за која нејзините членови тврдат дека поранешниот претседател на САД имал однапред смислен план, пред да се пребројат гласовите по претседателските избори во ноември 2020 година, да прогласи победа, без оглед на вистинскиот исход од гласањето.
„Доказите покажуваат дека неговиот лажен победнички говор бил планиран многу однапред, пред да се пребројат гласовите. Планот беше да се прогласи победа без оглед на вистинскиот глас“, рече пратеничката Зои Лофгрен, демократ од Калифорнија, за време на сослушувањето.
Таа рече дека Бред Парсал, кој раководеше со кампањата на поранешниот претседател, им кажал дека Трамп планира да објави дека победил на изборите, дури и во случај на пораз, во јули пред изборите.
Потпретседателката на Истражниот комитет, републиканката Лиз Чејни, истакна дека поранешниот претседател Трамп, како што таа го нарече, е централна причина за немирите на 6 јануари 2021 година.
„Ништо немаше да се случи ако не беше тој. Тој беше лично и суштински вклучен во сето ова. Како точно еден човек го предизвика сето ова? Ќе се фокусираме на состојбата на умот на претседателот Трамп, неговите намери, мотиви и како ги охрабруваше другите да ги извршуваат неговите наредби. Исто така, ќе посочиме дека може да се повтори уште еден 6-ти јануари доколку не ги преземеме неопходните мерки за да го спречиме тоа“, рече Чејни.
Комитетот досега сослуша повеќе од 1.000 сведоци и прегледа повеќе од 130.000 страници документи. Истрагата за насилството на 6 јануари нема да заврши по последното сослушување, но комисијата ќе се фокусира на пишување сеопфатен извештај за своите наоди што би можел да биде доставен до Конгресот до крајот на годината.
Трамп ја нарече истрагата „едностран, партиски, лов на вештерки“. Мандатот на Комитетот на Претставничкиот дом завршува кога ќе дојде новото свикување на Конгресот во јануари.
Пред тоа, комисијата треба да претстави извештај за своите наоди и да напише препораки до Конгресот во врска со тоа. Се очекува тоа да биде до крајот на годината.
Комитетот веќе предложи измени на законот од 19 век, бидејќи поддржувачите на Трамп тврдат дека американскиот потпретседател, во овој случај Мајк Пенс, има способност да го запре процесот на потврдување на Конгресот. Тој предлог беше усвоен во Претставничкиот дом.
Одборот нема овластување да гони некого, но може да даде препорака до Секретаријатот за правда.
Секретаријатот веќе ги истражи обидите за поништување на резултатите од изборите во 2020 година и секретарот Мерик Гарланд рече дека истрагата продолжува.
Членовите на конгресната комисија се поделени и околу тоа дали треба да препорачаат кривично гонење на Трамп.