Пендаровски во посета на учесниците во напредната обука на Охрид Камп за високотехнолошка извонредност
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги посети учесниците вклучени во напредната обука, што во рамки на Охрид Камп за високотехнолошка извонредност се реализира под негово покровителство, во организација на Македонија 2025 а поддржано од ИтЛабс Скопје.
Претседателот беше информиран за фокусот на програмата, како и за високоефективните методи на учење и предавање од страна на сертифициран наставен кадар, обучен од LEGO® Education.
Споделувајќи ги импресиите и стекнатите вештини за кодирање и роботика за време на тренингот, учесниците пред претседателот Пендаровски ги презентираа своите модели изработени со 6 Lego сетови на Robotics & Innovation Academy, 6 LEGO® Education SPIKE™ сетови, што претставуваат најсофистицирани модели на роботи од 2022 година.
Претседателот Пендаровски изрази задоволство од покажаната умешност и инвентивност на учесниците и за нивниот успешен одговор на зададените проектни предизвици. Во тој контекст истакна дека искуствата кои ги стекнале за време на напредната обука ќе имаат силно позитивно влијание во нивниот иден професионален развој.
Упатувајќи благодарност до организаторите и поддржувачите, претседателот ја нагласи важноста на ваквите тренинзи во поттикнувањето на младите да размислуваат креативно, постојано стремејќи се кон целосно искористување на своите потенцијали.