Свет

„Србите на Косово се борат за гол опстанок“ вели Брнабиќ

Владата на Србија останува цврсто посветена на зачувување на мирот и стабилноста во регионот и стои покрај нашиот храбар и достоинствен народ на Косово, кој сака само да се спроведат потпишаните договори, изјави премиерката Ана Брнабиќ.

Таа нагласи дека претставниците на Србите од Косово, одлучувајќи да го прекинат учеството во институциите во Приштина, едноставно го бранеле меѓународното јавно право и Бриселскиот договор.

„Со ова нашите на Косово порачаа дека сакаат само мир, дека веруваат во владеење на правото и дека веруваат во сите оние партнери од меѓународната заедница кои учествуваа во постигнувањето на различни договори во текот на изминатите години, Бриселскиот договор како Прв договор за нормализација, а потоа и сите други договори, кои го вклучуваат прашањето за табличките. Во својата борба за мир, стабилност, владеење на правото и почитување на сите потпишани договори, тие секогаш ќе ја имааат целосната поддршка од Владата на Србија“, потенцира Брнабиќ во изјавата.

Таа оцени дека хистеријата во политичката јавност и медиумите во Приштина е пример за апсурд, „бидејќи не само што не се работи за повикување на конфликти, туку се работи токму за мирна и демократска реакција која е одговор на континуираното еднострано кршење на договорот, непочитувањето на Србите на Косово, како и на Европската Унија, која е гарант на Бриселскиот договор“.

„Паралелите што екстремистите во Приштина ги повлекуваат со Украина и Донбас се невкусни, несоодветни и некохерентни, но доволно зборуваат за целиот свет за оние што ги користат“, рече Брнабиќ.

Таа посочи дека Србите на Косово покажаа трпение и толеранција во текот на претходната деценија, токму затоа што сакаат мир и затоа што веруваат во владеење на правото.

„Секоја година се зголемуваше бројот на напади врз Срби, незаконски им беше конфискуван имотот, ретките повратници беа најбрутално малтретирани и повторно депортирани, невини луѓе беа апсени и осудени спротивно на бриселскиот договор, тие исто така доживеаја дека нивното право на глас, како основно демократско право, беше ускратено, а ниту еднаш не реагираа на начин да го загрозат мирот. Сега тие се едноставно ставени во ќош и продолжуваат да користат само и исклучиво демократски средства во борбата за гол опстанок“, посочи таа.

Повтори дека сакаат да видат само реализација на потпишаните договори, и ништо повеќе.

На почеток