Вратен YouTube каналот на Бака Прасе
Контроверзниот Српски јутјубер Богдан Илиќ, попознат како Бака Прасе, по нешто повеќе од еден месец повторно го активира својот канал на таа платформа.
Каналот на Илиќ на Јутјуб беше избришан на крајот на септември, како што беше тогаш објаснето, поради неовластено користење на содржината на ТВ Пинк.
“Збогум Бака Прасе YouTube канал. Добив три страјкови. Каналот ми беше затворен. Добив страјкови на клиповите каде што гостував на Пинк пред 4,5 години. Не може да биде помизерен потег од тоа”, напиша тој во тоа време на Инстаграм, каде што го следат повеќе од милион луѓе.
Да потсетиме, Бака Прасе беше во конфликт со Жељко Митровиќ пред да се исклучи каналот. Богдан го обвини дека му должи пари бидејќи по една средба му ја украл идејата за инфлуенсер на телевизија.
Митровиќ потоа го поврза Бака Прасе со луѓе како Вељко Беливук, попознат како Веља Невоља, еден од водачите на криминалниот клан кој беше обвинет за серија убиства, трговија со дрога и оружје, киднапирање и силување. Го обвини и за намерно пренесување на мононуклеоза на девојче.
Во нивната расправија беа упатени различни обвинувања. Бака Прасе рече дека Митровиќ најверно му служи на режимот на Александар Вучиќ и дека му должи пари на Беливук за дрога, а објави и наводни заканувачки пораки до Александар, синот на Жељко, за кого рече дека е близок со Веља Невоља.