На денешниот брифинг за медиумите, министерката за правда, Рената Дескоска истакна дека очекува оваа година Собранието да се посвети на реформскиот пакет од Министерството за правда, како клучен услов за евроинтеграциите.
Во собраниска процедура се влезени неколку значајни закони од областа на правосудството, но и Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси.
Министерката Дескоска апелираше до пратениците опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ да истакнат свесност за значајноста на овој закон и да се откажат од одредени барања кои се штетни за законот и ќе го загрозат квалитетот на законот.
– Она што е реално проблем во амандманите е барањето за бришење на условот за забрана за политизација на членовите, односно спречувањето одредени членови што биле политички активни или биле донатори во изминатиот период да не бидат членови на ДКСК. Понатаму, барањето да се тргне надлежноста на ДКСК да врши увид во банкарските сметки на функционерите, како и контролата врз финансирањето на политичките партии да не постои. Сметам дека ова се барања коишто не можат да бидат удоволени, или доколку бидат удоволени, тоа нема да биде во согласност со препораките на Европската комисија, што е неприфатливо за нас како Влада, потенцираше Дескоска.
Поради позитивната оценка од Венецијанската комисија за Законот за судовите, министерката Дескоска очекува поддршка од сите пратеници во Собранието, но и поддршка за Законот за прекршоците со коишто се намалуваат казните и глобите за граѓаните и фирмите, како и поддршка за Законот за Управни спорови, чии измени претпоставуваат ефикасни судски спорови пред Управните судови.
Следен закон кој ќе влезе во собраниска процедура е законот со кој ќе се регулира статусот на Специјалното јавно обвинителство.
– Во овој момент се водат дебати и се разгледуваат опции околу дефинирање на надлежноста на СЈО и тоа надлежноста околу прислушкуваните материјали и секако разграничување на нивната надлежност со Обвинителството за организиран криминал, истакна министерката Дескоска.
Барањата и очекувањата на министерката се да се искористат капацитетите на СЈО, во кои е вложено многу изминатите години.