Коментари

Мојот концепт беше да станеме горди со она што сами ќе го заработиме, а не да рипаме од радост донација кога ќе ни дале, вели Груевски

Водачите ги диктираат вредностите преку својата работа, однесување и вредности. И преку она на што се многу горди. Каква култура на живеење, размислување и работа диктира власта секојдневно преку мас медиумите, поголем дел од луѓето барем делумно и најчесто несвесно го следат и копираат тоа! Ако успехот, гордоста, активностите и целите ти се донациите, на тоа ќе останеш и тој дух и вредности ќе ги наметнеш пошироко. Однадвор гледано тоа е слика на духовна јад и беда, вели поранешниот премиер Никола Груевски.

„Убаво е што ЕУ ни дала грант. И порано ни има давано грантови. Го поздравувам тоа. Треба да сме благодарни.

Но, јас тоа никогаш не го сметав за голем наш успех или нешто со што треба да сум посебно горд и многу да се фалам како премиер, но и ние како нација. Прикладно ќе се заблагодаревме, ќе објавевме за да знае народот бидејќи тоа и самата ЕУ го бараше од нас заради градење на попозитивна слика за нив во Макеоднија. И тоа е сосема во ред.

Но, правењето безмалку рекламна кампања со спот, гордеење и големо фалење дека како држава сме добиле пари на подарок, за мене е незабележливо внесување на вредност на “просјачки дух” кај народот и дух и менталитет на роб.

Јас одбивам да прифатам мојот народ да живее со ропски менталитет и со колективна свест на питач. Не само што нагласено не изразував гордост и чуство на некаков неверојатен успех кога ни даваа грантови, туку признавам дека малку се чустував непријатно, иако истите многу ни беа многу важни, често и сами ги баравме, а понекогаш беа дел од некаква регионална помош, еден дел припаѓаше на нас, па само формално беше нашето барање.

Мојот концепт беше да станеме горди со она што сами НИЕ како држава и народ ќе го заработиме, со она што ние ќе го создадеме, изградиме, смислиме или уредиме.

Успехот е да креираме нова вредност со нашиот ум, со нашите раце, со нашите луѓе, со нашето знаење, со цврста волја, амбиција и креативност.

Е тоа кога ќе се случеше го воздигнував и правевме кампањи и реклами со тоа. Не само заради политички и пропагандни цели, што е нормално во политиката, туку неприметно и постепено да го извадам она што со векови е всадувано кај нашиот народ низ вековите наназад од разни владетели на Балканот и на Македонија, всасувано кај нашите предци а преку нив пренесено и кај многу од нас, она ропското и питачкото во нашиот менталитет. Не кај сите, се разбира, но кај актуелната власт дефинитивно. И наместо тоа, постепено да се наметне вербата за можноста секој човек да успее со своја работа, труд, иновативност, знаење, чесен пристап и упорност. Државата да успее како збор на многу индивидуални успеси и способноста и знаењето на водачите и луѓето околу нив.
Да разбереме дека НИЕ Македонците и сите граѓани на Македонија, не сме ништо помалку способни од нив, од оние кои ни подаруваат бидејќи не сожалуваат или бидејќи сакаат со тоа да имаат влијание на нашите одлуки или да креираат простор за некои други наши одстапки лон нив, и дека НИЕ можеме да успееме и да заработиме, да создадеме, научиме и изградиме!

И потоа ние да помогнеме на други, како што многу успешни поединци Македонци и наши граѓани од сите етнички заедници со своето знаење, капацитет и способност помагаат на многу места низ светот и во Македонија. Како што јас на пример помогнав да се воведе ДДВ, нов платен промет, фискални каси и уште неколку други проекти во соседна Србија во 2003та на пример. Како што многу мои соработници од тоа време кои дојдоа од дијаспората во 2006 година и се приклучија на владата, донесоа нови знаења и нова вредност и така помогнаа, како што многу наши граѓани кои се менаџери во познати мултинационални компании низ светот, познати лекари, инжињери, барани мајстори или советници во разни области го прават тоа.
Како што многу спроведени реформи во Македонија ги превземаа многу земји од регионот, кога нивните премиери тивко и учтиво замолуваа да им испратам некој стручен човек од мојот тим за да им го пренесе знаењето и искуствата за некој проект или реформа и кај нив (од учтивост и коректност нема да ги спомнувам оние на кои сме им помагале на неформална и дискретна основа), да превземат нешто во што станавме најдобри.
Тоа треба да е нашиот дух! И индивидуален и колективен.Тој треба да победнички а не ропски! Успеси а не степенување на мизеријата.

Еееј, имаме своја држава 31 година, а уште менталитетот кај власта, а преку нејзиниот пример и кај голем дел од народот ни е некој “од горе” да каже, да одобри или да ни даде нешто на нам “сиротите”!
Неслучајна во еден период се спроведоа кампањите “Ти си Македонија” или онаа кампања за поттикнување на иновативен и претприемачки дух кај граѓаните, со стотици примери на луѓе кои успеале на планетарно ниво почнувајќи од гаража или од идеја додека пешачеле, почувајки само со добра идеја, потоа многу работа со многу ентузијазам, самодоверба и амбиција и без посериозен почетен капитал. Или пак онаа кампања која го промовираше знаењето и образованието како највисока вредност и шанса за успех во животот: “Знаењето е сила, знаењето е моќ”(реченица која уште ми одѕвонува во ушите кога како дете мојата баба Благородна Мијалкова, која беше мој голем учител во младите години постојано ми ја повторуваше како нешто што нив ги учеле и им го наметнувале во училиштето во Штип, некаде кратко после првата светска војна кога Македонија е под српска власт, па оргиналот гласел: “знање је сила, знање је моћ, учите децо дан и ноћ”).
Нема мали и големи земји кога станува збор за успехот!

Нема ни мали или големи луѓе! Се зависи од нас! Од нашиот ум, од нашата воља, знаење, работа, труд, посветеност, верба во себе и креативност!
Многу помали земји од Македонија се супер успешни, напредни и богати.
Многу луѓе од заостанати земји или провинции, од некое село кое не можете на карта да го најдете од Индија, Камбоџа, Еритреа, Зимбабве или од Балканот, биле и се лидери низ светот во многу свери.
Талентот најчесто е 5-10 отсто, другото е работа, воља, амбиција, посветеност и труд. Но, пред се свесноста за сето тоа.
Нема предодредени нации и поединци за успех и истовремено предодредени за живеење од донации или од питачење. Бог дава шанса на сите и секого. Колку ние ќе ја искористиме, од нас зависи. На што ќе ги насочиме мислите, тоа ќе го имаме.
Се зависи од нас и нашиот ум! Се е во умот!

На што ќе се радуваме и за што ќе се бориме, тоа ќе го добиеме. Познатиот монах отец Тадиј имаше една книга со наслов “Какви ти се мислите, таков ти е животот”. Кога ја прочитав, сватив дека тоа е голема вистина. Подоцна истата мудрост ја најдов и во делата на познати психоаналитичари и филозофи.
Ако се бориме, радуваме и гордееме за донација, ако донациите се нашата врвна цел, донации ќе добиваме и ќе живееме во состојба на постојана зависност и мизерија.
Ако се бориме следната фабрика и следниот нов истражувачки центар на “Тесла” да е во Македонија, шансите тоа да стане наша реалност се големи.
Само треба фокус на тоа, памет и професионален пристап! Ако чекаме милосрдие, максимумот што може да го добиеме е – милосрдие. Ако мислиме како да создадеме некоја вредност, некоја иновација во било која област, некаков продор со кој ќе имаме впечатлив успех, тоа ќе го создадеме.
Филозофија на сиромавиот е како да заштеди, со помалку да преживее, да добие нешто на подарок, да добие милосрдие и вечно да се заблагодарува за испросеното.
Богатите се богати затоа што тие не мислат и не се преокупирани само со тоа како да заштедат, туку пред и над се како да заработат со добра идеја, со иновација, креација, работа, тим, брзина и умешност во настапот!

Ние на пример ја прекинавме праксата да чекаме донации на опрема и апарати во здравството, што беше воспоставена пред 2006 година од нашите политички конкуренти. Ја издигнавме економијата, и штом ја издигнавме, таа почна да ни носи и повеќе пари во буџетот, па имаше доволно пари сами да си набавиме стотици и илјадници парчиња апарати и опрема за здравството. Како што купивме и авиони за гаснење пожари наместо секоја година да молиме помош други да ни пратат. Не! Ние почнавме да им нудиме ним! А можевме и поинаку. Да продолжиме да молиме и да просиме.
Јас велам аман веќе од гордење и создавање чуство на среќа за нешто испросено! Тажна беше гледтката кога по примерот на Сиднеј, градот Скопје започна една традиција на заеднички појадок на граѓаните на мост, на многу народ што сака да дојде. Храната ја снема за 10 минути. Некој ќе рече-сиромаштија е. Јас велам: не е само тоа!
Затоа на власта и порачувам: земете ја донацијата штом ви ја даваат, соопштете како што е прикладно, но фалете се, и демонстрирајте гордост со нешто што е од вас создадено, гордејте се со друг вид на успех!
Вака народот ќе почне да ја доживува ЕУ само како шанса за повеќе донации, а не отворен пазар со големи шанси за успех во бизниси и со тоа нови работни места и повисок стандард, со повеќе можности за образование, наука и.т.н.
Оти со тоа што се фалите, таков дух и кај народот градите. Ако власта со години само е горда кога ќе ни подарат нешто и духот на народот станува постепено таков.
Исто е и ако главните луѓе во државата на пример безочно лажат, по некое време тоа станува тренд и нормална работа и меѓу дел од народот кој ги следи “водачите”! Дури кај некои групи и тренд или мода. Луѓето во себе си велат: “види го овој, министер е, или премиер а постојано и без срам лаже. Значи и јас треба да лажам и да не ми биде срам за да успеам”. И по некое време, сваќате дека лажењето и измамите меѓу луѓето завземале неподносливи граници.

Ако владата стане најуспешна во регионот во повеќе области, и кај народот се поткрева духот и самодовербата, се охрабруваат и се амбицираат и граѓаните како поединци да успеат.
А можат! Јас знам дека можат! Инаку не би го пишувал ова! Им треба само рамен терен за игра, правда, еднакви можности, добри примери во општеството за мотивација и подршка од државата во почетокот, па ќе видите како оддеднаш ќе имаме нови ѕвезди во бизнисот, земјоделието, здравството, медицината, инжињерството итн.

Се сеќавам како овозможивме секоја година најпрвин по 500 а подоцна по околу 1000 лекари и медицински персонал да одат на обука во понапредни клиники и болници, во понапредни земји, за да научат нови методи и да ги применат во Македонија.

На почеток не можевме да формираме група, одговорните ми кажуваа дека со молење, па дури и со благ притисок одеше. Ми пренесоа дека некои лекари тоа го чуствуваат како понижување, демек не се доволно стручни па сега ќе ги праќаме на обука да работат во друга болница под надѕор на друг лекар кој исто така завршил исто образование како и тие и работеле во болници како и тие кај нас. Но подоцна, одкако заминаа и се вратија две-три групи, кога се препознаа позитивните можности, комплетно се промени атмосферата и стана престиж и натпревар кај многу од лекарите да се оди надвор кај најнапредните и да се донесе ново знаење и нови техники.

Оддеднаш некои лекари станаа многу по ценети и барани бидејќи се препозна дека знаат повеќе и подобро од другите.

Потоа сите сакаа да одат и имавме повеќе кандидати од слободни места за работни обуки во странство.

Секогаш кога имав политички или патувања со еконосмки цели во понапредните здравствени системи, бев кажал на кабинетот обавезно да се потрудат да се предвиде и посета на најдобрата клиника таму за лично како премиер на државата да го замолам менаџментот на таа клиника во САД, Велика Британија, Германија, Франција, Белгија, Холандија, Австрија, Русија, Кина, Италија итн да примат наши лекари и медицински персонал и да ги обучат за нешто, за некои нови методи за интервенција или нови начини на дијагностицирање или операции, испитувања и сл. што тие го знаат, а нашите лекари сеуште не. Никој не нѐ одби, ниту една клиника, а еден дел самите понудија да ги покријат дел од трошоците за сместување или гостите да ги примат во апартмани кои припаѓаат на тие клиники.

Се враќаа горди луѓе, со поголема самодоверба, полни со ново знаење и елан!

За жал, само што дојде СДСМ на власт оваа програма се укина, како што се укина континуираното купување опрема и апарати за здравството за пак да се вратиме главно на донации, со ретки исклучоци.
И тоа е исто така злосторство кон сопствениот народ.

Ви гарантирам, да останеше оваа програма уште 10 години, независно кој е на власт, други поназадни држави од нашата, ќе праќаа лекари на обука во Македонија, а шест од тие 10 години веќе поминаа.
Така направивме и со централниот регистар во 2001-2002 година кога истиот не постоеше во Макеоднија и ретко кој знаеше воопшто што е тоа.

Побаравме помош во знаење, експертска помош, од Норвешка која тогаш беше европски лидер во тоа, и добивме. Заедно со стручна екипа заминав во нивниот централен регистер во еден град на околу два часа лет северно од Осло каде во зима речиси воопшто или многу кратко време се разденува, а беше зима со многу снег и многу ладно време. Видовме, прашувавме, анализиравме, научивме, потоа пративме уште неколку технички експерти и други стручни лица, па нивен експерт дојде кај нас, зацртавме што ни треба и визијата ја преточивме во фантастична реалност, го направиме централниот регистер на Македонија.

Шест години подоцна на рангирањето на светската банка наречено Doing business нашиот централен регистер веќе беше повисоко рангиран од Норвешкиот. И не само тоа, туку беше прогласен и тоа неколку години по ред за најдобар централен регистер во Европа, прво место! И втор во светот.

Ученикот го надмина учителот! Бевме горди и ние, а верувам и учителите. Тоа се работи за кои една влада треба да демонстрира гордост, бидејќи нејзината гордост е истовремено патоказ за многу од граѓаните.
Слични ситуации на издигнувања во тоа време имавме и во катастерот, царината, во управата за јавни приходи и во други области и институции.

Премиерите од земјите од регионот ми се обраќаа за помош. Помагавме. Беа многу благодарни, но со тоа, не само угледот туку и влијанието на Макеоднија порасна во нивните очи и кај нивната администрација.
Така се гради силна држава и горд народ! А не со прослави и спотови за добиени подароци, кои порано или подоцна ќе се потрошат и пак ќе останеме да молиме за помош.

Во духот на познатата кинеска мудрост, ќе кажам да го научиме народот сам да си ја лови рибата (и би додал да е горд на тоа), а не друг да му подари риба за еднаш да се најаде. Задоволството ќе трае кратко, до следното огладнување, кое биолошки неминовно и неизбежно со 100% сигурност ќе дојде за неколку часа!

П.С. Д-р Виктор Камиловски на пример сеуште кога понекогаш ќе се слушниме по телефон ми раскажува дека тој ден направил некоја успешна операција на рамо или некој зглоб со метода која ја научил на некој од тие обуки во САД и низ Европа, а дел од тие методи ги прави само тој во Македонија! Чуствувам кога раскажува како тој е горд. Горд сум и јас, што сум иницирал, организирал и овозможил тоа да се случи.

Таква гордост и треба на Макеоднија!

А не да рипаме од радост донација кога ќе ни дале“, додава тој.

На почеток