Во моментов 74 пратеници би гласале за уставни измени, вели Пендаровски
Според Претседателот Стево Пендаровски промената на Уставот не е страшно и нема да ја дестабилизира државава.
-Јас сум прв за промена на Уставот за Бугарите во Устав, бидејќи не мислам дека тоа е страшно, и дека ќе ја дестабилизира Македонија. Освен Македонците, имаме и други делови од народи. Меѓутоа, ако ги немаме потребните 80 пратеници, како ќе ги направиме – рече Пендаровски во емисијата „24 Анализа“ на ТВ24.
Според Пендаровски, од информациите достапни во јавноста, како што вели, во овој момент максимум во сите комбинации 74 пратеници би гласале, било дали се на власт или во опозиција, за внесување на Бугарите во Уставот.
– Недостасуваат шест пратеници. Од ова што е остатокот од овие 74 до 120 не знам еден единствен кој вели – „се мислам можеби ќе гласам“. Не сум чул. Значи фактичката состојба е таа. Дали се разговара, да. Дали Владата треба да разговара со сите пратеници, одговорот е да – вели Пендаровски.