Две експлозии во Ерусалим, има и повредени
Најмалку 14 лица се повредени утринава во две експлозии, кои одекнаа со разлика од 30 минути на две автобуски постојки во близина на влезот во Ерусалим, соопштија од полицијата и здравствените власти.
Според полицијата, се сомнева дека се работи за напад на Палестинци, пренесува Ројтерс.
Две лица се во тешка состојба, додава Тајмс оф Израел.
Првата експлозија се случила во близина на главниот влез во Ерусалим нешто по седум часот наутро по локално време.
Во таа експлозија се повредени 11 лица, а повредените се префрлени во блиските болници, информираат здравствените власти.
Потоа, нешто по 7:30 часот, на вториот влез во Ерусалим одекнала уште една експлозија.
Според здравствените власти, три лица биле полесно повредени кога биле погодени од шрапнел.
Медиумите јавуваат дека постои сомневање дека експлозиите биле предизвикани од експлозивна направа во торба.
Полицијата соопшти дека истрагата е во тек.
Безбедносните служби трагаат по осомничените.