Дачиќ: Ова се правилата што нема да ги преминеме во преговорите со Приштина
Првиот вицепремиер и министер за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денеска изјави дека во наредните денови Србија ќе биде изложена на разни видови на притисоци, но дека Србија има црвени линии што нема да ги помине.
На Србите кои утрово се на барикадите, државата им порача да застанат на нивна страна.
– Тие сигурно нема да останат без поддршката на својата земја. Тие можат да бидат сигурни дека ќе вложиме максимални дипломатски напори, се надевам само дипломатски и политички, да го заштитиме нашиот народ на Косово и Метохија, ако треба, секако и другите – рече Дачиќ во гостувањето во Јутарњи дневник на РТС.
Тој посочи дека црвените линии за Србија се дека не сака нови преговори за Бриселскиот договор и Заедницата на српските општини, ниту Косово во ОН, како и физичкото обезбедување на Србите на Косово и Метохија.
– Кои се нашите црвени линии: Прво, не се преговара за тоа што веќе сме го договориле. Второ, нема признавање на независноста на Косово или членство во Обединетите нации. Трето – нема физички напади, односно загрозување на безбедноста на Србите. Тоа се нашите црвени линии. Подготвени сме за мир, но за тоа е потребна и другата страна – истакнува Дачиќ.
Тој, исто така, нагласи дека премиерот на привремените институции на Приштина, Албин Курти, постојано палои оган, што претставниците на меѓународната заедница го толерираат.
– На Западот му е јасно кој може да предизвика нестабилност – изјави шефот на српската дипломатија.
Тој наведува дека во наредните денови во Србија доаѓаат советникот на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, како и државните министри за Европа на Франција и Велика Британија.
– Додека на 15 декември, барем најавуваат во Брисел, претставниците на Приштина ќе поднесат апликација за членство во Европската унија. Од тој момент ќе почнат различни притисоци врз Србија – рече Дачиќ.