Актуелно

Владата го тестира трпението на студентите: И покрај целиот пиар и празни ветувања, уште не ги исплаќаат средствата кои ни следуваат

„Владата и Министерството за образование и наука го тестираат трпението на нас студентите. И покрај целиот пиар и празни ветувања, промотивни спотови и собирање политички поени врз грбот на младите, надлежните се’ уште НЕ ги исплаќаат финансиските средства што законски им следуваат на студентите“, велат од Студентски отпор.

Тие додаваат:

Според законското решение донесено пред само неколку месеци, за кое ние предупредувавме дека ќе биде на штета на студентите и ќе даде непосакувани резултати, предвидена е исплата на средствата за субвенциониран студентски оброк до 15 декември оваа година.

Она што е уште посимптоматично во овој случај е што конкурсот за аплицирање траеше до 3 декември, а студентите се уште немаат никаква информација за тоа кога ќе бидат исплатени ветените средства кои им следуваат на студентите.
Конфузното законско решение и недостатокот од директен и непосреден контакт со студентите и младите, доведуваат до кочење на процесите и нереализирање на она што на сите нас ни беше ветено, а истовремено испромовирано во името на грижата за студентите.

Меѓудругото, изедначувањето на стипендиите кое беше наводно предвидено, се’ уште немаме одговор од надлежните институции дали ќе биде реализирано и покрај тоа што со големо задоцнување беа објавени конкурсите за стипендиите.
Како загрижени студенти што се подготвени да се борат за она што ни следува, за подобар студентски и младински стандард во државата, бараме итен одговор од МОН и Министерот за тоа КОГА студентите ќе ги добијат средствата што законски им следуваат?

Земајќи го во предвид фактот што воопшто немаме доверба во институциите и во претставниците на студентите кои се без легитимитет, итно бараме вклучување на наши претставници во работните групи со МОН каде што треба да се разговара за зголемувањето на сумата на студентскиот оброк, реновирањето на студентските домови, стипендиите и студентскиот стандард.

Очекуваме одговорот да биде испратен во најбрз можен рок. Доколку не добиеме одговор и се потврди сомнежот за груба манипулација на студентите, подготвени сме правдата да ја бараме преку масовни студентски демонстрации кои нема да запрат.

На почеток