Првата детска амбасада во светот Меѓаши од денеска, 21 септември, Меѓународниот ден на мирот, почнува кампања против врсничкото насилство кое, како што велат од таму, за жал е сè поприсутно, особено во училиштата низ државата. Кампањата ќе се одвива и развива во текот на целата учебна година на национално ниво под слоганот „И зборовите повредуваат“, а за училиштата под слоганот ,,Булинг? НЕ во моето училиште“.
Во рамки на кампањата ќе бидат поделени материјали за учениците и ученичките од вклучените училишта во програмата за мировно образование при Детската амбасада со содржини кои го промовираат ненасилството и поттикнуваат на подобро меѓусебно разбирање. Дел од промотивните материјали се објавени и на албански и турски јазик, а во текот на учебната година ќе бидат објавени и на јазиците на другите етнички заедници.
Исто така, во рамки на кампањата преку целата учебна година ќе бидат одржани серија обуки за наставните кадри на тема ,,Булинг“ и како да се превенира и работи на намалување на врсничкото насилство и последиците од истото. Во рамките на училиштата ќе се одржат серија активности, работилници, форум-театри, танц-театри, дискусии на темата ,,Булинг“, а исто така ќе биде објавен и прирачник за наставниците. Во склоп на другите печатени материјали децата ќе имаат можност да се запознаат на повидлив начин со ЅОЅ контактите за деца и млади при Детската амбасада Меѓаши на 0800 1 2222 – бесплатна телефонска линија (само преку фиксен телефон) и на 02 2465 316 како и на [email protected] и на фесјбук-страницата https://www.facebook.com/SOSHELPLINEMEGJASHI.
Целта на кампањата е препознавање, навремено и адекватно реагирање на различни случаи на врсничко насилство.