Свет

Унијата не попушти пред уцените на Путин, вели Борељ

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борељ, во авторски текст на блогот на дипломатската служба на ЕУ оцени дека во годината на војната во Украина, енергетската и климатската криза, и покрај зависноста од увозот на руските фосилни горива, Унијата не „попушти пред уцените на Путин“.

„Успеавме да ја пополниме празнината и да ги финализираме важните реформи за да ја забрзаме нашата енергетска транзиција и тоа ќе има значително геополитичко влијание“, рече Борељ.

Според него, освен во самата Украина, војната предизвика сериозна енергетска криза во Европа и поради начинот на кој Русија ја користи енергијата.

„Владимир Путин очигледно мислеше дека големата зависност на ЕУ од руските фосилни горива, особено гасот, ќе му овозможи да ја подели ЕУ, спречувајќи ја активно да ја поддржува Украина. Затоа тој веќе почна да го ограничува снабдувањето со гас за нас во 2021 година и покрај постојните долгорочни договори меѓу руските добавувачи и европските купувачи, а потоа по 24 февруари дополнително ја заостри политиката на уцена“, оценува Борељ.

Високиот претставник на ЕУ потврди дека оваа политика навистина предизвика голема криза на европските енергетски пазари, при што цените на гасот надминаа 300 евра/MWh минатиот август во споредба со околу 20 евра/MWh во 2020 година.

На почеток