Актуелно

Teмпературите на воздухот достигнаа рекордно ниво низ целa Европа

На почетокот на јануари, температурите на воздухот достигнаа рекордно ниво во многу земји низ Европа, а националните рекорди беа срушени во осум европски земји.

Во главниот град на Полска, Варшава, во неделата е измерена температура од 18,9 степени Целзиусови, додека во Шпанија, Билбао живата во термометарот „скокна“ на 25,1 степен, што е дури 10 степени над просекот, јави Би-Би-Си.

Благото зимско време во Европа се совпадна со моќниот бран од ледена бура што обви голем дел од Северна Америка во снег и мраз и однесе повеќе од 60 животи.

Воедно, на европската страна на Атлантикот времето на почетокот на новата година на повеќе места беше пријатно.

Температурите на воздухот во Холандија, Лихтенштајн, Литванија, Летонија, Чешка, Полска, Данска и Белорусија ги соборија националните рекорди, а во Германија, Франција и Украина беа срушени рекордите на мерните станици.

Во Швајцарија температурите достигнаа 20 степени Целзиусови, а топлото време ја загрози сезоната на скијачките центри низ Алпите.

Сепак, не е топло насекаде во Европа, бидејќи во делови од Скандинавија метеоролозите предвидуваат постудени денови со ниски температури и снег, а се очекува до следниот викенд во Москва температурата да се спушти и до -20 степени Целзиусови.

На почеток