Бујар Османи ќе плати 100.000 евра за пиар активности


Министерството за надворешни работи (МНР) ќе потроши околу 100.000 евра за пиар активности за претседавањето на Македонија со Организација за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ). Македонија од 1 јануари го започна претседавањето со ОБСЕ, најголемата светска регионална безбедносна организација која опфаќа 57 држави учеснички од Европа, Северна Америка и Азија. За таа цел склучен е договор со Друштвото за менаџмент и консултантски активности агенција „Рејтинг СП-М“ ДООЕЛ за 6.100.000 денари . Во тендерот стои дека се потребни услуги за стратешки комуникации во пресрет на претседавањето со ОБСЕ.
МНР троши народни пари на пиар агенција и покрај тоа што Министерството има своја служба за односи со јавност, а исто така и во Владата се вработени и ангажирани лица за пиар, фотографи и сниматели.
Според Електронксиот систем за јавни набавки, тендерот е објавен на 29 септември 2022, јавното отворање на понудите било на 1 ноември, а одлуката за избраниот победник на тендерот е донесена на 12 декември.
Од Министерството за надворешни работи велат дека покривањето на голем број работи во врска со претседавањето со ОБСЕ подразбира значително зголемени комуникациски потреби и заради тоа низ транспарентна тендерска постапка ангажирале посебен економски оператор.
