Украина го одби предлогот на Путин за прекин на огнот
Украина вчера ја отфрли најавата на рускиот претседател Владимир Путин за 36-часовен прекин на огнот по повод православниот Божиќ, велејќи дека нема да има примирје додека Русија не ги повлече своите инвазивни сили од окупираната земја.
Кремљ соопшти дека Путин наредил прекин на огнот од петок напладне по повикот за Божиќно примирје на московскиот патријарх Кирил, поглавар на Руската православна црква.
„Имајќи го предвид апелот на неговата светост Патријарх Кирил, му наредувам на министерот за одбрана на Руската Федерација да воведе режим на прекин на огнот долж целата линија во Украина од 6 јануари 2023 година напладне до 7 јануари во полноќ“, наведе Путин во наредбата.
„Поаѓајќи од фактот дека голем број граѓани кои го исповедаат православието, живеат во областите на борбените дејствија, ја повикуваме украинската страна да прогласи прекин на огнот и да им овозможи да присуствуваат на богослужбите на Бадник, како и на Божиќ“, рече Путин.
Но, советникот на украинскиот претседател, Михаило Подољак, на Твитер напиша дека Русија „мора да ги напушти окупираните територии – само тогаш ќе има ‘привремено примирје’. Чувајте го вашето лицемерие за себе“.
Тој рече дека за разлика од Русија, Украина не напаѓа странска територија и не убива цивили, туку само уништува „припадници на окупаторска војска на својата територија“.
Подољак претходно го отфрли повикот на Патријархот Кирил за примирје како „цинична замка и елемент на пропаганда“. Тој ја опиша Руската православна црква, која ја поддржа руската инвазија, како „воен пропагандист“.
Официјални лица на Украина претходно изјавија дека секој руски повик за прекин на огнот би бил обид на Москва да обезбеди одреден одмор за своите војници, кои Украина се обидува да ги избрка од територијата што Русија ја зазеде по нејзината инвазија минатиот февруари.