Актуелно

Осомничениот кој пукаше кон момчињата во Косово: Пукаше за да се одбрани

Во Основниот суд на Урошевац денеска се одржала затворена судска седница на која бил сослушан 33-годишниот Азем Куртај, осомничен за ранувањето на двете момчиња од српска националност врз кои беше пукано од возило во движење на 6 јануари.

Сослушувањето било затворено за медиумите, а од Судот информирале дека донесената одлука ќе биде соопштена преку писмено соопштение.

По седницата, адвокатот на осомничениот, Наим Ферати, изјавил дека неколку секунди пред инцидентот кој се случи пред два дена, Куртај бил нападнат со некој предмет и бил навредуван, по што пукал во самоодбрана.

„Во петокот попладне мојот клиент заедно со неговиот пријател патувале за Брезовица, кога одеднаш на патот ненајдено биле блокирани од толпа луѓе кои славеле, по што ненадејно биле нападнати“, рекол адвокатот Ферати.

За да се заштити од опасноста, според адвокатот Ферати, неговиот клиент пукал двапати, но не во толпата која наводно му се заканувала, туку еднаш во воздух и еднаш во асфалтот. Притоа, како што дополнил, Куртај не знаел дека во пукањето биле повредени двете момчиња.

„Тој пукал еднаш во воздух за да ја растера толпата. Поради околностите и нападот што го претрпел во тие моменти, бил принуден повторно да пука кон земјата, овојпат кон асфалтот и во тие моменти успеал да го напушти местото, без да знае дека може некој да е повреден“, додал адвокатот, посочувајќи дека неговиот клиент од социјалните мрежи дознал дека има повредени во пукањето.

Согласно тоа, адвокатот заклучил оти 33-годишникот немал намера да пука или повреди некого, туку дека пукал во самоодбрана, а тоа, како што додал, го потврдила и мајката на повредениот 11-годишник, Зорица Стојановиќ, која во изјава за српските медиуми изјавила дека „не било пукано во момчињата, туку на асфалтот“.

Двете српски момчиња Стефан Стојановиќ (11) и Милош Стојановиќ (21) беа ранети на 6 јануари кај Штрпце откако во нив беше пукано од возило во движење кога без причина, локален Албанец, пукал во нив од возило во движење, соопшти во петокот Канцеларијата за Косово и Метохија на Владата на Србија.

На почеток