Путин: „И покрај санкциите, позитивна динамика на руската економија“
Рускиот претседател Владимир Путин на средба со владините претставници изјави дека реалната динамика во економијата минатата година е позитивна.
Како што наведе, домашниот производ паднал за само 2,1 отсто за 11 месеци, а до крајот на годината се очекува пад од 2,5 отсто, пренесува РИА Новости.
Зборувајќи за енергетската состојба, Путин истакна дека и покрај санкциите, производството на нафта се зголемило за околу два отсто и изнесува 535 милиони тони.
Поради растот на светските цени на гасот, руските компании го намалија производството, но буџетскиот прилив се зголеми за десет отсто, додаде тој.
– Производството на природен гас е намалено за 11,8 отсто. Во исто време, светските цени на гасот значително се зголемија поради активностите на западните земји, а како резултат на тоа, руските извозници на гас работат во последните две години со добар профит и значително зголемени плаќања во буџетскиот систем на земјата – нагласи тoj и додаде дека дефицитот на федералниот буџет изнесува 2,3 отсто од БДП, што, според него, е најдоброто ниво на дефицит меѓу земјите од Г20.
Претседателот на Русија повика на одржување на позитивен тренд во развојот на економијата, истакнувајќи дека агроиндустрискиот комплекс и индустријата имаат зголемени стапки на раст. Путин истакна дека тоа во голема мера овозможило да се одржи стабилноста на пазарот на трудот, да се намали невработеноста на најниско ниво во поновата историја.
– Наша задача е да го поддржиме и консолидираме позитивниот тренд. Напоменувам дека многу од најважните придружни индустрии, како што се градежништвото, земјоделството, индустријата и агроиндустрискиот комплекс и други, не само што не се намалија, туку и ги зголемија стапките на раст минатата година, и покрај зголемениот надворешен притисок – рече Путин.
Тој им се заблагодари на сите експерти вработени во домашната одбранбена индустрија за напорната и одговорна работа.
Воено-индустрискиот комплекс дава голем придонес во динамиката на производствените сектори. Во текот на изминатата година доби сериозен замав и продолжува да ги зголемува своите капацитети, компаниите работат во неколку смени, некои речиси деноноќно, нагласи рускиот претседател.