Пратеникот од СДСМ, Мухамед Зекири, им порача на членовите на ДУИ да не се китат со туѓи перја, алудирајки на тоа дека неговата партија е позаслужна за донесувањето на Законот за јазици и неговото денешно стапување на сила.
,,Речиси една декада на власт со ВМРО-ДПМНЕ глас не им се слушна. Денеска со толкава помпезност и пофалби сакаат да се китат со туѓи перја.
Заслугите за отворање на вратите на Македонија за членство во НАТО и ЕУ, како и за официјализирањето на албанскиот јазик, им припаѓаат на граѓаните кои го прифатија концептот ,,Македонија едно општество” за сите!!!
Без еуфорија, Ве молам. Граѓаните најдобро знаат кој работи за нивно добро“- напиша пратеникот на својот профил на ФБ.
Ваквата реакција на Зекири следуваше откако повеќе функционери на ДУИ објавија дека Законот за употреба на албанскиот јазик е објавен во Службен весник.