Актуелно

Курти: Го прифаќаме предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина

Премиерот на Косово, Албин Курти денеска по средбата со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изјави дека Приштина го прифаќа предлогот на ЕУ за нормализација на односите со Белград.

Курти на Твитер изјави дека овој предлог го смета за добра основа за понатамошни дискусии и солидна платформа за напредок.

– Го прифаќаме предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија и го сметаме за добра основа за понатамошни дискусии и солидна платформа за напредок – напиша Курти.

Тој изјави дека имал добар разговор со Лајчак за време на работниот ручек во Приштина.

– Наскоро на претстојните бриселски разговори ќе се разговара за одредени прашања поврзани со меѓународните гаранции, механизмите за спроведување и временските рамки. Демократскиот концепт на европската ориентација ни дава надеж – нагласи Курти.

Претходно денеска Лајчак на пресот по средбата со Курти рече дека тема на разговорот е продолжување на дијалогот, како и дека се што е договорено во Брисел мора да се спроведе.

Лајчак денеска треба да пристигне и во Белград и да се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

На почеток