Актуелно

Ангела Меркел ја доби наградата за мир на УНЕСКО

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел денеска во Брегот на Слоновата Коска ја прими наградата за мир на УНЕСКО.

Наградата Меркел ја доби за нејзината одлука да прифати повеќе од 1,2 милиони мигранти во Германија, и покрај притисокот од таа земја и од европските партнери.

Според АП, организаторите истакнале дека Меркел покажала политичка храброст кога, меѓу 2015 и 2016 година, Германија ги пречека бегалците кои избегаа од конфликтите во Сирија, Ирак, Авганистан и Еритреја.

Наградата за мир „Феликс Хоуфе-Боињи“ доделена на Ангела Меркел денес го носи името на првиот претседател на Брегот на Слоновата Коска по независноста од Франција во 1960 година, а наградата беше доделена во Јамусукро, главниот град на Брегот на Слоновата Коска и родниот град на Хоф-Боињи, според АП.

Претседателот на жирито што ја додели наградата и добитник на Нобеловата награда за мир, Денис Муквеге, ја пофали Меркел за нејзината одлука да ги „отвори портите на Германија“ во време кога другите земји не сакаа.

„Покажавте на јавното мислење и на носителите на одлуки дека не само што мораме да ги браниме сопствените права, туку и правата на другите во време на криза, дека на секое општество му е потребно повеќе од кога било да ги почитува и штити човековите права без никаква дискриминација. Ја пофалуваме вашата хуманост, вашиот дух на солидарност и вашето изразено чувство за етика и вашето инспиративно лидерство“, рече Муквеге.

По врачувањето на наградата Меркел зборуваше за актуелната бегалска криза, особено за војната во Украина.

„Мислевме дека времето на војните во Европа помина, но од 24 февруари минатата година, кога се случи жестоката агресија на Русија против Украина, дојдовме до тажен заклучок дека тоа не е така. Војната ја потресе Европа до корен“, рече Меркел.

На почеток