Свет

Финска сака да аплицира за НАТО без Шведска?

Финските парламентарни групи денеска соопштија дека можат да ги ратификуваат договорите на НАТО во наредните недели, што може да биде знак дека Хелсинки сака да продолжи со барањето за членство без соседна Шведска.

Двете скандинавски земји аплицираа за членство во НАТО веднаш по почетокот на војната во Украина и изразија желба заедно да се приклучат на Алијансата, но додека повеќето земји-членки ги ратификуваа нивните апликации, Турција одби да ја ратификува кандидатурата на Шведска, пишува Ројтерс.

Пред изборите во април во Финска, повеќето политички партии во земјата најавија дека сакаат парламентарно соопштение за договорите со НАТО, пред парламентарната пауза на 3 март, а Комисијата за надворешни работи зад затворени врати расправаше за неопходните пристапни закони.

Законите мора да бидат поднесени најдоцна до 20 февруари за да може парламентот да одлучува за нив пред изборите.

Позицијата на Турција, која одбива да ја поддржи апликацијата на Шведска, влијаеше на Финците самостојно да продолжат со приемот во НАТО.

Околу 53 отсто од Финците, анкетирани од дневниот весник Илта-Саномат, сметаат дека Финска не треба да ја чека Шведска, наспроти 28 отсто кои веруваат дека треба.

На почеток