Актуелно

Конвои со помош на Обединетите нации влегоа во северозападна Сирија

Конвој од 10 камиони со помош на Обединетите нации влегоа во северозападна Сирија преку турскиот граничен премин Баб ал-Хава во неделата, изјави Мадеви Сун-Суон, портпаролка на Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања.

Таа изјавила дека камионите на Меѓународната организација за миграција носат комплети за привремено сместување, пренесува Си-Ен-Ен.

Официјалниот претставник на ОН изјави дека 22 возила на ОН влегле во Сирија во саботата, вклучувајќи 12 камиони на Високиот комесаријат за бегалци на ОН, седум камиони на Светската здравствена организација, два камиони од Фондот за население на ОН и еден камион на УНИЦЕФ.

Испораката на помош до областите на северна Сирија погодени од разорниот земјотрес, од кои повеќето се под контрола на бунтовниците, е попречена од долготрајната граѓанска војна во земјата.

Заменик-секретарот на ОН за хуманитарни прашања Мартин Грифитс вчера на Твитер од турско-сириската граница објави дека луѓето во северозападна Сирија „со право се чувствуваат напуштено“.

„Досега ги потфрливме луѓето од северозападна Сирија“, рече Грифитс, додавајќи дека негов приоритет е „да го поправи овој неуспех што е можно побрзо“.

На почеток