Расте бројот на Руси кои го менуваат полот во пасошот, зголемувањето следи по инвазијата на Украина и наредбата за мобилизација на Путин
Бројот на руски државјани кои добиле нови пасоши со ажурирани родови ознаки се зголемил минатата година, се наведува во извештајот на независната Mediazone, пренесува Sky News.
Весникот, повикувајќи се на податоци објавени од руското Министерство за внатрешни работи, наведува дека минатата година „промената на полот“ била наведена како причина за 936 нови пасоши, во споредба со 554 во 2021 година и 428 во 2020 година.
Податоците исто така покажаа дека забележително зголемување на родовите промени во патните исправи започна во март, веднаш по руската инвазија на Украина. Извештаите доаѓаат неколку месеци откако рускиот претседател Владимир Путин нареди делумна мобилизација во Русија, додека во септември министерот за одбрана Сергеј Шојгу рече дека Русија ќе ангажира 300.000 резервисти за поддршка на воената операција.
Меѓутоа, за неколку недели почнаа да се појавуваат извештаи дека Русија собира бездомници и ги испраќа на првите борбени линии, пренесува Sky News.