Актуелно

Дуда: Не се сомневам дека посетата на Бајден на Варшава ќе биде од глобално значење

Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска изрази уверување дека дводневната посета на американскиот претседател Џо Бајден по повод одбележувањето на годишнината од руската инвазија на Украина ќе произведе случувања од глобално значење.

– Не се сомневам дека посетата на претседателот Бајден на Полска и неговиот говор во Варшава ќе бидат од глобално значење – рече полскиот претседател на Минхенската безбедносна конференција и потсети дека следната посета на американскиот претседател ќе биде негова втора посета на Полска во само една година, пренесува АП.

Бајден треба да пристигне во Варшава во вторник, а според соопштението на Белата куќа, за време на неговиот престој во Европа, тој планира да се сретне со лидерите на деветте земји од источното крило на НАТО и има намера да одржи говор „како Соединетите Држави го собраа светот за да го поддржат народот на Украина“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен потврди во Минхен дека Бајден „ќе одржи многу важен говор во Полска следната недела“.

– Мислам дека тој веројатно ќе зборува за патот што го поминавме заедно во текот на минатата година, за тоа каде сме денес и, како што реков, за нашата постојана посветеност на успехот на Украина – рече Блинкен.

На почеток