Свет

„Мислам дека нема повеќе луѓе што можеме да ги спасиме“, вели член на Турската Агенција за управување со вонредни состојби

Две недели по разорниот земјотрес во југоисточна Турција и северна Сирија, спасувачите ја прекинуваат потрагата по преживеани.

Претходните денови имаше неколку чудесни спасувања на луѓе кои со денови беа затрупани под урнатините и сепак успеаја да преживеат. Сепак, надежите дека некој друг ќе биде извлечен жив сега се само теоретски.

Во Турција, потрагата е прекината во девет од 11 погодени провинции – спасувачките операции се уште се спроведуваат само во Хатај и Кахранмармарас.

„Мислам дека нема повеќе луѓе што можеме да ги спасиме“, рече еден од членовите на АФАД во Антакија, според новинската агенција Ројтерс.

Според последните податоци, повеќе од 46.000 жртви загинале на југот на Турција и во пограничната област на северот на Сирија, но овие земји се уште не соопштуваат уште колку луѓе се водат за исчезнати.

Според официјалните податоци, во Турција досега загинале 41.156 лица, а најновите податоци од Сирија објавени на крајот на минатата недела се дека загинале над 5.800 лица.

Повеќе од 100.000 луѓе се повредени во Турција, јавува турскиот сервис на Би-Би-Си.

Турската Агенција за управување со вонредни состојби (АФАД) објави дека се регистрирани повеќе од 6.000 последователни потреси во „зони на катастрофата“ прогласени од владата кои покриваат 11 провинции по првиот разорен земјотрес со јачина од 7,8 степени.

Светската здравствена организација проценува дека на околу 26 милиони луѓе им е потребна хуманитарна помош низ Турција и Сирија по земјотресот.

Според турската влада, на 1,2 милиони луѓе им е обезбедено сместување во студентски објекти, подигнати се повеќе од 206.000 шатори, а 400.000 луѓе се евакуирани од погодените области.

Катастрофата од големи размери почна да зема психолошки жртви, според новинската агенција АФП. Во соседна Сирија, каде граѓанската војна беснее веќе 12 години, ситуацијата е уште полоша.

Сириската влада се согласи да отвори уште два гранични премини за да овозможи испорака на помош што е контролирана од опозицијата, објавија ОН.

Беше одржан итен состанок на ОН за да се засили испораката на помош во областите под контрола на бунтовниците.

Расте незадоволството кај меѓународната јавност поради начинот на кој се испраќа помош во Сирија.

На почеток