Македонија

Абдул Јашари кој е дел од сириската Влада, има македонско државјанство и е следен од АНБ

Абдул Јашари алиас Абу Катада Албани кој доби висока функција во Владата на Сирија има македонско државјанство. Тој во Македонија бил под истрага за неколку предмети, а во МВР се водат и предистражни постапки. Институциите, меѓу кои Агенцијата за национална безбедност, и натаму ги следи сите активности поврзани со него, а по неговото заминување во 2012 година од територијата на Македонија.

„Ги следиме активностите на лицето, во рамки на надлежностите на Агенцијата“, велат од АНБ.

Предмети за Јашари работи и Министерството за внатрешни работи. Тие посочуваат дека се во предистрага, па не можат да споделат детали.

„Ве информираме дека лицето за кое прашувате има македонско државјанство“, велат од МВР.

Името на Јашари, кој САД го претставува како терорист и поради ова е на црната листа, се споменуваше и при истрагата за масакрот кај Смилковското Езеро во 2012 година, кога беа ликвидирани четворицата тинејџери и рибарот. Заштитен сведок тврдеше дека го препознал Јашари по карактеристичната фризура. Но тој, не бил пронајден за да сведочи на ниту една адресите кои му биле регистрирани во Скопје. Кратко по ова се утврдува дека тој е дел од радикалните структури на Сирија.

Тој последните десет години ја предводел џихадистичката група „Џемати Албан“, која ја сочинуваат претежно Албанци од Косово и Македонија. Има 48 години, а 35 години живеел во Чаир, но и Аеродром. Тој тврди дека бил на боиштата на Блискиот Исток, главно Сирија, во последните 12 години. Единицата „Џамати Албан“, вели тој, е основана во 2012 година и била активна во сите поголеми битки во северозападна Сирија.

На почеток