Од Лотарија платени 400.000 евра за простории кои не биле ниту користени – нова пријава за избеганиот Прпарим Бајрами од ДУИ


Ексдиректорот на Државна лотарија, Прпарим Бајрами од ДУИ, доби нова кривична пријава. Тој се гони за изнајмување на деловни простории по цена за метар квадратен, најмалку два пати повисока од реалната пазарна цена. Во склучениот договор пак, не биле запазени посебните услови од јавниот повик, односно објектот е со поголема површина од бараните услови и не било опфатено дворното место кое претставувало посебен услов во повиокот.
„Исто така, деловните простории не биле адаптирани за намената од договорот, односно, објектот – деловните простории требало да бидат реновирани и реконструирани при што за истото пријавениот предвидел и отпочнал Јавна набавка со износ од 1.300.000 евра за реновирање и реконструкција, што би претставувало дополнителен трошок за Државна лотарија. На тој начин, пријавениот П.Б. во својство на директор на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА склучил договор за закуп на деловни простории кои не биле адекватни за потребите на Државна лотарија и за цена за м2 која е повисока од пазарните цени. По склучување на договорот за закуп на деловни простории од страна на пријавениот иако истите не биле користени од страна на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА согласно намената од договорот за закуп, АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА на правниот субјект ХЕЈ ДООЕЛ Скопје му исплатила 24.636.045 денари.“, стои во пријавата од Финансиската полиција.
Од Обвинителството посочуваат дека постапуваат по пријавата.
„Основното јавно обвинителство Скопје ја прими и веќе постапува по пријавата. Со оглед дека осомничениот се уште е недостапен на органите на прогонот и по него се трага со национална и меѓународна потерница, ќе се преземат други дејствија за испитување и прибирање докази“, вели оБВИНИТЕЛСТВОТО..
