Македонија

Фактот што нема постапка за извршителите на Заеви во судството, говори за тоа колку Коцевски е слуга на СДС и Заев, вели ВМРО-ДПМНЕ

„СДС го брани Љупо Коцевски затоа што не отвори постапки за извршителите на човекот на Зоран Заев, Наќе Георгиев кој постапи по неговите наредби во случајот со Боро Марлборо. Ако Љупчо Коцевски работеше по закон, по признанието на вина од страна на поранешниот член на Судски совет и врховен судија, Наќе Георгиев дека влијаел за пресудување на помала казна за Боро Марлборо, за што се стекнал со имотна корист, ќе отвореше истрага за судиите и обвинителите во тој случај. Ако Наќе Георгиев примил поткуп и влијаел, тогаш судиите во предметот суделе по налог на Наќе Георгиев, а не по закон. Самиот факт што нема постапка за извршителите на Заеви во судството говори колку и самиот Љупчо Коцевски е извршител на СДС и Заев“, вели ВМРО-ДПМНЕ како реакција на соопштението од СДСМ:

„Се случува процес на партизација и политички упад во правосудниот систем на државата од страна на власта. Без разлика дали се согласуваме или не со работата на Републичкиот јавен обвинител, јасно е дека делувањето на ВМРО-ДПМНЕ е со единствена цел: да изврши упад во независноста на правосудната власт и да инсталира обвинител кој ќе биде послушник на власта. Ова значи газење на демократијата, газење на уставната поделба на власта и враќање кон мрачните времиња на контролирани судии, обвинители и судски процеси. Не станува збор за изолиран случај туку за политичка намера. Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ беше назначена за член на Судскиот совет а сопартиец на Меџити во Советот на јавни обвинители. Ова не се реформи туку класична партизација. Мицкоски ги фрла на буниште реформите во правосудството, презема целосна контрола и партизација на институции кои треба да се независни. Прашање е дали постапката за разрешување е покрената затоа што обвинителот не прифатил да постапува по политички диктирани случаи? Изјавите на извршната власт дека нема да го земе предвид мислењето на Советот на јавни обвинители се спротивни на законот и сите правни стандарди.

Во Законот за јавно обвинителство – член 63, став 3, јасно е предвидено дека Советот на јавни обвинители треба да даде мислење по предлог на Владата. Ако ова не се почитува, тогаш власта и де факто и де јуре потврдува дека има намера да го поништи принципот на поделба на власта и да ги контролира правосудните институции. Ги повикуваме сите демократски сили, граѓаните, правните експерти и меѓународните институции да го следат овој процес и да не дозволат да биде уништена независноста на правосудната власт. Функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија мора да остане независна и да се врши без било какви политички притисоци“.

На почеток