Македонија

Боки 13 започнува операција „Бумеранг“: Еден милион бомби ќе пукаат кај Абази

Бојан Јовановски-Боки 13 преку адвокатите посочува дека над еден милион фајлови ќе бидат предадени на Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а кои се однесуваат на сторен криминал од највисоки државни структури и бизнис елити. Во соопштение до јавноста, посочува дека со оформувањето на предмет од страна на шефот на Обвинителството, Ислам Абази, започнува операцијата која со кодно име „Бумеранг“.

„Напоменуваме дека поради обемноста на материјалот и доказите во бројка од 1.150.000 (еден милион и сто и педесет) фајлови со податоци во кои се содржани аудио снимени разговори, транскрипти, пораки, остварени телефонски комуникации, видео и фотографски записи, т.н. “бомби” , заради целисходност при постапување по предметот ќе биде потребно формирање на посебен тим за работа и процесуирање на кривичните пријави во согласност со реалните потреби за ефикасно и правилнло постапување по предметот, за кое нешто ќе истакнеме посебно барање до јавниот обвинител“, велат адвокатите на Јовановски.

Тој напоменува дека по поднесувањето на пријавите и предавањето на доказите, очекува темелна и непристрасна разшреница. Посочува дека поради обемноста на доказите, ќе треба цел тим да работи на материјалите.

„Поради високиот степен на карактерот и сериозноста на процесот “Бумеранг” бараме и очекуваме посветеност, неселективност и максимална професионалност од страна на надлежниот обвинител. Исто така, напоменуваме дека подносителот Бојан Јовановски ќе ги поднесува пријавите и ќе ги предаде доказите на записник по претходно утврдени законски гаранции за заштита на неговиот физички и психички интегритет поради карактерот, сензитивноста и сериозноста на отпоцнатиот процес со кодно име “Бумеранг”. Бојан Јовановски ќе ги поднесе пријавите и ќе ги предаде доказите во присуство на неговите полномошници мр.Владимир Туфегџиќ и Сашко Дукоски, адвокати од Скопје, единствено во сигурносно обезбедени простории во ОЈО за ГОКК, со визуелно, тонски запис од чинот на сослушување и предавање на доказите“, посочува адвокатскиот тим преку кои Јовановски и се обраќа на јавноста.

Претходно, шефот на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, кажа дека оформил предмет и делегирал јавен обвинител што ќе го сослушува Бојан Јовановски-Боки 13 и кој ќе ги земе бомбите, односно аудиоразговорите, видеоснимките, транскриптите. Од Обвинителството за „Макфакс“ посочија дека ќе ги земат сите материјали од Боки 13, а за кои осудениот посочи дека се докази за сторени кривични дела на личности од политиката, правосудниот систем и бизнис-елитата.

На почеток