Актуелно

Тридневна жалост во Грција, железничарите денеска штрајкуваат

Грција прогласи тридневна жалост поради најтешката железничка несреќа во последните децении. Најмалку 43 лица загинаа, а 130 се повредени кога патнички воз на линијата Атина-Солун се судри со товарен воз во близина на градот Лариса во централна Грција.

Министерот за транспорт поднесе оставка, а началникот на железничката станица е уапсен. Премиерот Киријакос Мицотакис рече дека сè укажува на човечка грешка. Поради штрајкот на железничарите денеска во Грција нема да сообраќаат возови, пишува РТС.

Спасувачките екипи се уште се на терен и ги пребаруваат вагоните, бидејќи се стравува дека се уште има повредени и мртви.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис најави формирање на експертска комисија која ќе го истражи судирот.

„Се соочуваме со неопислива трагедија. Нашите мисли се пред се со роднините на жртвите. Наша должност е да ги лекуваме повредените, да ги идентификуваме телата. Но, тука сум и да ви гарантирам дека ќе ги дознаеме причините за трагедијата и ќе направиме се што е во наша моќ повеќе да не се повтори“, рече Мицотакис.

Грчкиот министер за инфраструктура и транспорт Костас Караманлис поднесе оставка. Тој изјави дека поднесува оставка бидејќи тоа е најмалку што може да направи за да им оддаде почит на жртвите.

Уапсен е шефот на железничката станица во Лариса, а се смета дека тој ја сноси најголемата одговорност за несреќата.

Претседателот на Грчките железници, Костас Генидунијас изјави дека на релација Атина-Солун не работат ниту семафори, сијалички, ниту контрола на сообраќајот и се работи рачно.

-Да работеше, машиновозачите ќе гледаа црвен сигнал и возовите ќе застанат на 500 метри еден од друг – рече Генидунијас, посочувајќи дека работниците неколку пати протестирале поради ова.

Во писмото од 7 февруари, грчкиот синдикат на железничари укажува на бројни проблеми во грчките железници. Наведоа дека „додека не се преземат заштитни мерки на работните места и безбедно функционирање и сообраќај на возовите, нема да има крај на несреќите“.

Пред седиштето на Грчката железница во Атина, околу илјада демонстранти протестираа поради сударот на возот. Дошло и до конфликт со полицијата.

Возовите денеска нема да сообраќаат во Грција, откако Панхеленската федерација на железничарите (ПОС) одлучи да стапи во 24-часовен штрајк. И атинското метро денеска нема да работи.

На почеток