Во рамки на одбележување на големиот верски празник Богојавление-Водици и Денот на рибарите, Црвен крст Охрид е вклучен со низа активности од областа на здравствено-превентивната и социјално-хуманитарната дејност.
Денес, од 19-23 чaсот, на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“, медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“.
Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од 6.5 oC., потенцираат од Црвен крст.
Традиционалната крводарителска акција „Водици 2019“ под мотото „ЕДНА КАПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СẺ“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира на 19-ти јануари, сабота, од 9-15 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Ги покануваме нашите сограѓани и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот во соработка со Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци, велат од Црвен крст.
За настанот на осветувањето на водата во Охридското езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид на 19.01.2019 (сабота), Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 4 тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште, 2 тима на спасители на вода во два спасителни чамци и 4 нуркачки тимови, како и со 7 медицински тимови за укажување прва помош со едно амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.
На денот на рибарите на 20-ти јануари, недела, тимовите за логистика на Црвен крст Охрид ќе распределат дел од рибината чорба во семејствата со социјален ризик во Охрид како и на лица со хендикеп и стари лица кои не се во можност да присуствуваат на овој настан.