Свет

Захарова: Русија ги повикува ерменските и азербејџанските страни на воздржаност

Русија е длабоко загрижена поради ескалацијата на тензиите во Нагорно-Карабах и ги повикува ерменската и азербејџанската страна на воздржаност, изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.

– Изразуваме сериозна загриженост за ескалацијата на тензиите во зоната на конфликтот Нагорно-Карабах. Во последните денови имаше повеќекратно прекршување на примирјето. Вооружениот инцидент што се случи на 5 март резултираше со загуба на животи и од ерменска и од азербејџанска страна – рече Захарова, пренесува ТАСС.

Захарова истакна дека Русија уште еднаш укажува на потребата од „строго почитување на одредбите на лидерите на Русија, Азербејџан и Ерменија“ од договорот постигнат на 9 ноември 2020 година за целосен прекин на огнот и сите непријателства во зоната на конфликтот Нагорно-Карабах.

Таа истакна дека сите прашања кои можат да ја загрозат безбедноста и секојдневниот живот во областа на одговорност на рускиот мировен контингент мора да се решат мирно, преку комуникација меѓу двете страни под покровителство на мировниот контингент на Руската Федерација.

Тројца полицајци на самопрогласената Република Нагорно Карабах загинаа, а еден е ранет во гранатирање на азербејџанската армија, соопшти претходно денеска Министерството за внатрешни работи на Нагорно Карабах.

Според Министерството, убиени се службениците на одделот за пасоши и визи, пренесе Интерфакс.

ТАСС наведува дека и Министерството за одбрана на Азербејџан известило за загинати и повредени во новите конфликти во Нагорно Карабах.

На почеток