Актуелно

Сијарто: Унгарија не сака и нема да испрати муниција во Украина

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, изјави дека неговата земја не сака и нема да испрати муниција во Украина, додавајќи дека тоа нема да ги спречи другите членки на Европската унија да го сторат тоа.

„Унгарија не испорачува оружје, ние сакаме мир. Затоа не учествуваме во ова. Ние не и доставуваме муниција на Украина, ниту ги спречуваме другите да прават што сакаат“, изјави Сијарто во Брисел, пренесува „Хина“.

Министрите за надворешни работи на Европската унија на состанокот во Брисел усвоија акционен план чија цел е да ја снабди украинската армија со најмалку еден милион гранати од 155 милиметри и да ги надополни сопствените стратешки залихи, од кои некои се речиси целосно исцрпени.

За таа цел, две милијарди евра ќе бидат повлечени од „Европскиот мировен фонд“ – вонбуџетски финансиски инструмент на Европската унија кој ја подобрува нејзината способност да работи на глобалната безбедност.

Придонесот на Будимпешта во тој фонд е околу еден процент, што е приближно десет милиони евра, а тие средства ќе се користат за други цели, како што се работа на стабилноста на Западен Балкан и намалување на миграцискиот притисок, рече Сијарто.

Сијарто предупреди дека Брисел продолжува да поттикнува „атмосфера на војна“ и дека земјите што промовираат мир се под зголемен притисок да го напуштат.

На почеток