Македонија

Стара шема на измами повторно пеплосува граѓани низ Македонија – нов случај пријавен во полиција

Измамите на кои мета во изминатиот период беа скопски угостители, сега се спроведуваат и во други градови во Македонија. Последен пријавен случај доаѓа од мајстор од Штип. Измамник му се јавил на телефон и договорил да му изврши занаетчиски работи во скопско село. Го замолил по пат, да остави пари на непознато лице, за кога ќе пристигне на локацијата да му ги врати. Потоа, измамникот го исклучил телефонот.

„42-годишен штипјанец пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 400 евра. Според пријавеното, откако тој се договорил со лицето да му изврши занаетчиски работи на неговата куќа во скопско село, лицето побарало од него на патарина Миладиновци да ги даде парите на друго лице, а потоа тој ќе му ги врати“, велат од МВР.

Тие додаваат дека како што е пријавено, откако ги дал парите телефонскиот број на лицето веќе не бил достапен, по што сфатил дека е измамен.

„Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

Претходно, вакви измами имаше во Скопје. Првиот случај беше измамата на доставувач на пијалоци кој плати за украсување и чекаше наводниот Дејан да му ги врати парите. Вториот беше кога измамени биле девојки кои работат декорација – украсиле ресторан и го чекале славеникот Дејан да дојде да плати, па биле известени од менаџерот на ресторанот дека тие ја платиле декорацијата во негово име на човек кој дошол по парите. Третиот беше кога угостител требало да се сретне за да договри зделка и оставил 300 евра на непознато лице, за кои добил уверување дека ќе му бидат вратени веднаш што се сретнат. Шемата е секогаш иста, измамените остануваат без зделки, но и без пари.

На почеток