Скопје

Отворен фестивалот „Киненова“: Врачена наградата на Аница Добра и прикажан филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи

Третото издание на фестивалот на дебитантски филм „Киненова“, синоќа свечено беше отворен во киното „Милениум“, каде се прикажа македонската премиера на дебитантскиот игран филм „Ругање со Христос“ по сценарио и режија на Јани Бојаџи и беше врачена наградата за особен придонес во светската филмска уметност на српската актерка Аница Добра.
На самиот почеток беа претставени членовите на меѓународното жири: Зеки Демиркубуз од Турција, Росица Валканова од Бугарија, Лазар Секуловски, Македонија, како и членовите на жирито од меѓународна конкуренција за кратки филмови: Чем Озтуфекчи, Турција, Предраг Милојевиќ, Србија, и Марија Апчевска, Македонија.
Актерката која има одиграно улоги во околу сто филмови, меѓу кои во „Собирен центар“, „Балкан експрес“, „Како пропадна рокенролот“, „Црниот бомбардер“, „Веќе видено“, „Тито и јас, Аница Добра синоќа го прими големото признание за придонес во филмската уметност.


-Македонците се толку прекрасен народ што и во јазикот имаат многу деминутиви. Сведок бев деновиве како тие звучат во ресторан додека престојував во Скопје. Пред проекцијата на филмот би сакала да кажам дека филмовите ги спојуваат непознатото и луѓето, филмовите градат мостови и тоа не е само наша лична работа, туку остава голема трага и отпечаток во цивилизацијата. За да напредуваме како цивилизација, мора да научиме да гледаме на светот и со туѓи очи, зашто само така, ако ги разбереме туѓите животи и туѓите погледи на светот, и самите себеси ќе си дадеме подлабока суштина и причина за овој наш живот, рече Добра на крајот и додаде: моето презиме би било „добричка“, но вие ми укажавте толкава почит и ме направивте – најдобра“.
Наградата и ја врачи директорот на „Киненова“ Небојша Јовановиќ, кој меѓудругото истакна дека филмот на Бојаџи предизвикал многу внимание во јавноста и дека, поради големиот интерес за билетите кои беа во слободна продажба за премиерата, ја разгледуваат можноста да организираат уште една проекција.
– Се изборивме за овој слободен простор и се уште се бориме. Работевме напорно за фестивалот, рече Јовановиќ, прогласувајќи го отворен третиот фестивал „Киненова“ кој ќе трае до 12 октомври
На присутните во салата пред прикажувањето на филмот им се обрати режисерот Бојаџи, кој потенцираше дека неговиот филм не се занимава со вистината, туку со приказна.


-Во изминатите два месеца добивав прашања дали е филмот снимен според вистина. Јас со тоа расчистив пред дваесетина години кога мојот професор на Академијата за театар и филм во Софија ми рече „Кога ќе дојдеш на крстопатот меѓу вистината и приказната, тргнуваш по приказната. Таму можеби ќе најдеш некаква вистина“. Во тој момент расчистив и престанав да се занимавам со вистината. Особено да се занимаваме со вистината во кинематографијата е бесмислено кога толку лаги има наоколу. Значи, овој филм не се занимава со вистина, туку со приказна, рече Бојаџи.
По проекцијата на филмот целата екипа излезе на сцената и се заблагодари на публиката која ја исполни салата и ги поздрави со долг аплауз.


Филмот е нискобуџетен, снимен со 280.000 евра, во период од осум недели и тоа во Македонија, Грција и Франција, со интернационална актерска екипа составена од: Македонци, Грци, Албанци, Бугари, Руси, Хрвати, Французи, Германци, Словенци.

„Киненова“ на „Бела ноќ“
Денеска „Киненова“ се приклучува на „Бела ноќ“ во Скопје и филмовите од програмата на фестивалот ќе бидат прикажани во рамките на оваа манифестација.
Проекциите во киното „Милениум“ ќе биат според следнава програма:
11. 00 часот- филмот за деца „Момчето фантом“ од Жан Луп Фелисиоли и Ален Ганњол 12.30 часот – филмот за деца „Рафи“ на режисерот Аренд Акте.
14. 30. – филмот „Анка“ на режисерот Дејан Ачимовиќ
16.00 – Од фокус на Норвешка, „Во случај на исчезнување“ на Ханс Питер Моланд
18.00 – филм во чест на Аница Добра, „Жената со скршен нос“ на режисерот Срѓан Кољевиќ
20.00- филмот од меѓународна конкуренција, „Гутланд“ на Говинда Ван Маеле
22.00- Од фокусот на Норвешка, „Бранот“ на режисерот Роар Утанг


Во Кинотека на Македонија од 15 часот ќе се прикажуваат куси филмови од меѓународна конкуренција, а во 18 часот ќе биде прикажан филмот „Златна петорка“, во чест на препрано починатиот актер од овој филм Влатко Илиевски.

 

фото:МИА

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток